Во Општина Маврово и Ростуше 27 првачиња, за сите по шест илјади денари и училиштен прибор
- Во четирите општински и нивните подрачни училишта во Општина Маврово и Ростуше, денеска првпат во ученичка клупа седнаа 27 првачиња или 13 помалку од минатата учебна година.
Дебар, 1 септември 2025 (МИА) - Во четирите општински и нивните подрачни училишта во Општина Маврово и Ростуше, денеска првпат во ученичка клупа седнаа 27 првачиња или 13 помалку од минатата учебна година.
-Гледано одделно во ООУ „Хајан Селмани“ во Ростуше се седум првачиња, во „Блаже Конески“ во Скудриње 10, во „Јосип Броз Тито“ во село Жировница шест и четири првачиња се во ООУ„Денче Дејаноски” во село Маврово. Во селата Велебрдо и Врбјане немаме ниту едно прваче. И годинава за првачињата обезбедивме училишен прибор и еднократен финансиски надоместок, рече за МИА Емир Емрулаи, раководител на секторот за образование.
Додаде дека по традиција, на првиот ден од новата учебна 2025/2026 година, градоначалникот Медат Куртовски ги посети основните училишта и на наставниците и учениците им посака успешен воспитно-образовен процес.
- Притоа на сите првачиња им додели училиштен прибор и материјали за успешно спроведување на наставата. Еднократниот паричен надоместок во износ од по шест илјади денари, ќе им биде исплатен деновиве, посочи Емрулаи.

Според него, претходно во сите училишта во општината била извршена дезинфекција на објектите и реализирани сите активности за нормален образовно-воспитен процес.
Оваа општина од академската 2021/2022 година почна да исплаќа финансиски надомест, кој сега изнесува 10 илјади денари, на студенти кои се со адреса на живеење во општина Маврово и Ростуше, се запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во државава, а кои редовно ги полагаат испитите.
Исто така, од јануари 2018 година општината доделува бонус за новороденчиња на семејства кои живеат постојано на територијата на оваа општина, а кој од минатата година изнесува 9 илјади денари. вт/мд/
Фото: Општина Маврово и Ростуше