Во Оман нов круг преговори за иранската нуклеарна програма
- Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, и американскиот пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, денеска ќе водат разговори на високо ниво во Оман, а шефот на оманската дипломатија Бадр ал-Бусаиди
Мускат, 26 април 2025 (МИА) – Во главниот град на Оман, Мускат денеска ќе се одржи третиот круг од преговорите за иранската нуклеарна програма помеѓу Иран и САД.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, и американскиот пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, денеска ќе водат разговори на високо ниво во Оман, а шефот на оманската дипломатија Бадр ал-Бусаиди, ќе биде посредник, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи.
Преговорите се одвиваат со посредство на Оман, а претходните средби беа на 12 април во Мускат и 19 април во Рим.
Иран и САД немаат дипломатски односи од 1980 година, а американските интереси во Иран ги претставува Амбасадата на Шведска.
Според Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), изминатите четири години напредуваше иранската нуклеарна програма и е поблиску од кога било до производство на нуклеарно оружје, со сегашните резерви од 60 отсто збогатен ураниум, доволни за шест нуклеарни бомби доколку се збогати до 90 отсто.
Иран во 2015 година склучи договор со Франција, Германија, Велика Британија, Кина, Русија и САД за регулирање на нуклеарната програма, а за возврат да се намалат меѓународните санкции против Техеран. Но, во 2018 година, за време на првиот претседателски мандат, Трамп еднострано ги повлече САД од Договорот и повторно воведе санкции кон Иран. Како одговор, Техеран ги зголеми резервите на збогатен ураниум на 60 отсто.
Иран тврди дека нуклеарна енергија е за цивилни цели и негира дека сака да се стекне со атомска бомба, во што се сомневаат западните земји. ми/
фото: ЕПА