• петок, 05 декември 2025

Во Македонска Каменица заврши показната вежба за институционален одговор при поплави и тестот за тревожење

Во Македонска Каменица заврши показната вежба за институционален одговор при поплави и тестот за тревожење

Македонска Каменица, 30 мај 2025 (МИА) – Во Македонска Каменица денеска се одржа најавената показна вежба за институционален одговор при поплави, проследена со тестирање на новоинсталираниот систем за тревожење. Настанот се реализираше во организација на Општина Македонска Каменица, во тесна соработка со Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Полициската станица Македонска Каменица, Итната медицинска помош при Здравствената станица, образовните установи, ЈП „Камена Река“, Територијалната противпожарна единица, Црвениот крст на РСМ и други локални и национални институции. 

Градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски, во изјава за медиумите изрази благодарност до сите институции за нивното активно учество и придонес во успешното спроведување на вежбата. 

-Како градоначалник, сакам да изразам искрено задоволство од успешно реализираната показна вежба за институционален одговор при поплави. Посебна благодарност упатувам до членовите на Општинскиот кризен штаб и Просторните сили на Македонска Каменица за нивната подготвеност и координација, како и до сите граѓани за нивната соработка и разбирање за време на вежбата“, изјави Атанасовски. 

Тој ја истакна и значајната улога на Рудник „Саса“, најголемиот економски оператор во општината, кој како општествено одговорна компанија го инсталираше системот за рано предупредување, со што значително се унапредува безбедносната инфраструктура во регионот. 

-Општина Македонска Каменица ќе продолжи со вложувања во безбедносниот систем, со цел уште поефикасна заштита на животите и имотите на граѓаните. Безбедна општина е заедничка одговорност и наш приоритет, додаде градоначалникот. 

Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамет Али, нагласи дека системот за рано предупредување, донација од Рудник „Саса“, има големо значење и за локалната самоуправа и за Центарот за управување со кризи. 

-Во Македонска Каменица е поставен современ систем за рано предупредување, кој значително ќе ја зголеми безбедноста на локалната заедница. Благодарност до Рудникот 'Саса' што со оваа инвестиција придонесува за заштита на животот и здравјето на луѓето, како и на материјалните добра. Ова е пример што треба да го следат и други компании во земјата“, изјави Али. 

Системот, според директорот на Центарот за управување со кризи, овозможува навремено информирање на населението преку звучни сигнали за можни опасности, со што се намалуваат ризиците од кризни ситуации. Тој додаде дека системот од денеска е официјално интегриран во националниот систем за тревожење. 

Успешната реализација на вежбата за тестирање на системот за рано предупредување според Ивица Талевски, директор за одржливост на рудникот, уште еднаш го потврдува нивното силно залагање за безбедноста и одржливоста во САСА. 

-Задоволство ни е што сме дел од овој проект кој воедно е дел од пошироките напори што ги преземаме за да обезбедиме максимална заштита за нашите вработени и локалната заедница, во согласност со највисоките национални и меѓународни стандарди. Грижата за луѓето и животната средина останува во срцето на нашите активности и на нашата долгорочна посветеност на одговорно рударство, изјави Талевски.

На покана на градоначалникот Атанасовски, на настанот присуствуваше и амбасадорката на Литванија во Северна Македонија, Вилма Дамбраускене, која изрази задоволство од можноста да ги сподели искуствата и добрите практики од нејзината земја. 

Во пресрет на вежбата, беше одржана координативна средба помеѓу градоначалникот Атанасовски и директорот Али, при што беше разговарано за унапредување на меѓуинституционалната соработка, зголемување на ефикасноста при справување со кризи и зајакнување на мерките за безбедност на граѓаните и нивниот имот. вс/сст/

Фото: МИА

Остани поврзан