• среда, 26 јуни 2024

Во Куманово отворена изложбата „Небо“ од Јана Јакимовска

Во Куманово отворена изложбата „Небо“ од Јана Јакимовска
Куманово, 21 јануари 2021 (МИА) - Во кумановскиот Центар за култура „Трајко Прокопиев“ денеска беше отворена изложбата на слики „Небо“ од ликовната уметница Јана Јакимовска. Кумановци ќе имаат можност да проследат 20-тина дела кои Јакимовска ги изработила последниве три години во техниката акрил на платно. Директорот на НУЦК „Трајко Прокопиев“, Сашо Тодоровски на отворањето истакна дека и покрај пандемијата успеваат да ја доближат културата и уметноста до граѓаните. -Сликите на Јакимовска се прекрасни дела кои ќе допрат до сите. Изложбата ќе биде отворена наредните десетина дена и сите кои сакаат можат да ја разгледаат, изјави Тодоровски. Авторката Јакимовска рече дека кога почнала да го работи циклусот слики во 2018-та и тогаш размислувала за универзалното синило, кое симболизира обединуавње на луѓе од различни градови, но под едно исто небо. -Продолжувањето на циклусот во време на карантин ми беше прозорец, рече Јакимовска. Во текстот за изложбата, историчарката на уметност Ана Франговска пишува дека Јакимовска со своите дела нуди „прозорец“ за бегство од реалноста кој нè носи во поубава, посветла, похумана реалност, која во вонредни услови делува психотерапевтски на консументот на нејзините дела. Во рецензијата за изложбата, историчарката на уметност Ангела Витановска, пак, вели дека Јакимовска е авторка која и покрај тоа што се занимава со концептуална уметност, главно насочена кон дигитални и фотоманипулации, во овој нејзин најнов циклус дела, преку својата четка и сликарското платно нè однесе на едно „патување“ од Скопје преку Струмица и Охрид во светските гиганти - Токио и Њујорк. Јана Јакимовска е вонреден професор на Ликовната академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Досега има реализирано 18 самостојни и преку 80 групни изложби во земјата и во странство, а во последно време се занимава со мурално сликарство. ам/мд/

Остани поврзан