• недела, 22 декември 2024

Во Кривичен се сослушуваат познаници на Палчо во врска со убиството на Вања и Панче

Во Кривичен се сослушуваат познаници на Палчо во врска со убиството на Вања и Панче

Скопје, 20 ноември 2024 (МИА) - Во Основен кривичен суд Скопје во врска со случајот со убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски денеска на предлог на обвинителството сведочат познаници на обвинетиот Љупчо Палевски.

Сведокот Ерол Османи, изјави дека се познава со Палчо во време на издавање на дневниот весник „Глобал“.

-Тогаш бев повикан од неговите издавачи да помогнам во издавање на весникот затоа што не одеше како што треба, рече тој, дополнувајќи и дека откако се затворил весникот останале во комуникацијата и биле пријатели.

Според неговото сведочење, тие биле во контакт и лани, кога Османи го побарал за сервис на котел за греење.

-Го побарав, затоа што земав котел за греење дома, го контактирав често пред сезона на греење. Последната година, лани, не ми функционираше воопшто котелот и не можев воопшто да го користам и затоа се зачестени тие повици од мене кон него во тој период, од средина на ноември лани, рече сведокот.

Прашан дали го побарал Палевски на 27.11.2023, одговори потврдно.

-Го барав на Фејсбук и околу 11 и нешто часот навечер, ми јави дека ќе дојде утре сабајле и сабајлето утре имаме комуникација дека доаѓа и потврдува во 11 часот дека доаѓа и дојде и го среди котелот, дополни сведокот.

Прашан кое било образложението за причината што не дошол на 27.11.2023, одговори дека Палчо му рекол дека е преладен.

-На 28.11.2023 беше добар со здравјето. Разговаравме, не спомна ништо во врска со претходниот ден. Однесувањето му беше сосем нормално, рече Османи 

Дополни дека Палчо кај него дошол со, како што рече „некое бело возило, француско, пик ап, забележав дека беше удрена вратата кај возачот“.

Прашан дали му кажал дека планира да замине на лекување, одговори дека не.

-Не. Знам дека последните две години имаше проблем со кичмата, меѓутоа не ми спомна такво нешто, рече тој 

Сведокот посочи дека не забележал Палчо да носи оружје и одговори дека никогаш не комуницирале преку радио-врски.

На прашања од обвинетиот Палчо, дали на 22.11.2023 бил кај него да поправа котел и дали му е познато дека на 28 од 10 до 12:30 Палчо бил во живо на Јутуб поткаст, тој цитираше порака од Палчо. 

-Јас сум на лајв редовен поткаст во живо, завршувам брзо, ја земам ќерка ми од Алкалоид, лаптопот е со мене и доаѓам кај тебе.

Прашан колку време траеше сервисот, рече од прилика половина час, до 40 минути а може и саат време.

-Го дијагностицира проблемот многу брзо, го отвори редукторот и го среди, рече сведокот, дополнувајќи дека Палчо не му наплатил за својата работа. 

Прашан дали постои можност да го помешал денот 22 ноември со 28 ноември, тој одговори не.

-На 22.11.2023 година јас имам пуштено порака до фотографија на која што сти моторот од котелот. Потоа моите пораки продолжуваат до 27 ноември. И на 27 навечер во 23:30 добивам одговор кој што вели „Ќе дојдам бе сабајле, одма сум подобар. Одлежав три четири часа, како да ме згазил камион, ама океј не е страшно, ќе пројдам со лаптоп, сабајле само да станам“, цитираше сведокот.

Сведок Ламбе Бучков, рече дека го познава Палчо повеќе од 20 години.

-Во периодот кога се запознавме бев вработен во МВР, тој се занимаваше со градежништво, рече тој.

Прашан каква соработка воспоставиле, одговори дека таа почнала кон крајот на 2011 година.

-Нашата соработка почна крајот на 2011-2012 година кога Љупчо Палевски побара, знаеше дека мој другар е еден од поимотните луѓе, да инвестира да се доврши зградата Тифани. Соработката почна успешно, зградата се заврши и почна да функционира, рече сведокот.

Дополни дека и потоа продолжиле да соработуваат.

-Продолживме и потоа да соработуваме, тој ги понуди локациите што ги имаше земено во Општина Центар, доколку сака другарот мој да ги откупи и да почне да гради зграда. Направен договор, пренесено, но до ден денеска нема одобрение за градба, рече тој.

Посочи дека на Палчо му бил Даден аванс од 15 000 евра кои откако увиделе дека договорот не може да се реализира, му ги побарал назад, но тој не им ги вратил.

-Од септември 2022 јас почнав поинтензивно да се гледам со Палчо и му кажав дека треба да се вратат парите што се дадени затоа што од локациите и од работата нема ништо. Јас со него контактирав 2-3 пати неделно и му одев во седиштето на партијата, некогаш сам, некогаш со мој пријател, на сите локации во седиштето, рече тој.

Прашан дали Палевски му одговарал на пораките, одговори да.

-Ми рече дека чека некои средства и дека ќе ми ги врати парите, секогаш кога ќе се видевме. Тоа се одолговлекуваше затоа што и него некој го лажел, рече сведокот Бучков.

Сведокот беше прашан дали се познава со некој од обвинетите, при што посочи дека го сретнувал Влатко Кешишов во седиштето на партијата, последниот пат кога го видел Кешишов ми рекол дека Палчо е на пат.

-Со Љупчо Палевски последен пат искомуницирав во месец декември во неделата, ми се јави од Турција. Ми кажа дека отишол во Турција по работа, рече сведокот.

Дополни дека Палчо му кажал дека сакал да се врати во Македонија и дека Кешишов му кажал дека го бара полицијата.

Прашан дали на 1.12.2023 разговарал со Палевски, одговори да.

-Разговаравме на Вибер и Ватсап, ми кажа дека сакал да тргне за Македонија, меѓутоа има договорено состаноци во Бугарија и во Турција и дека сакал да дојде тука, наводно дека му кажал на Влатко, „дај им сѐ што бараат на полицијата“. Кога ми кажа дека сакале некое возило да земат, му реков да не сте направиле некои судар, тој ми одговори „не, било видено негде такво возило негде каде што го снемало некое девојче“, рече сведокот.

Прашан дали се слушнал со Палчо кога бил во Турција, одговори да. 

-Ми се јави од неговиот број на Вибер неделата околу ручек. Ми кажа дека е во Турција во Истанбул и дека понеделник сабајле ќе тргне и ќе дојде во Македонија да расчисти што го бараме, рече тој.

Прашан каква била финансиската состојба на Палевски во периодот додека се познавале, одговори дека имал многу пари. 

-Човекот имаше многу пари и сите околу него имаа пари, меѓутоа почнаа да се случуваат некои работи, да одат против него политичката елита и да му одат работите надолу, рече тој.

Прашан дали се познава со членови од семејството на Палевски, тој одговори дека се познавал со брат му и ја има видено мајка му.

-Летно време се видов со брат му, додека беше Палевски во притвор во Турција. Рече „брат ми не можел да направи такво дело ти го знаеш тоа, можеби ќе те викаат на суд, само да ја кажуваш вистината“, рече сведокот.

Тој рече дека знаел дека Палчо има неколку вида на оружје, меѓутоа, како што посочи, не ги видел никогаш.

Прашан што му кажал Палчо кога му се јавил од Белград, одговори дека му кажал дека имал состаноци. 

-Ми кажа дека има договорено состанок во Софија, потоа оди за Турција. Во Бугарија состанок со некоја политичка партија во врска со избори. Во Турција исто, се ближат избори рече, мора да се прави нешто. Кога се објави сѐ, се јавив кај висок полициски функционер, им кажав дека сум во контакт со Палчо и ги известив дека им стојам на располагање да го донесам Палчо, никој не ми се обрати. Шест месеци ме следат по базни станици кај одам и што барам, рече сведокот.

Сведокот беше испрашан и од обвинетиот Љупчо Палевски, по однос на договорот за отстапените места во Центар.

Прашан дали Палчо е должен да ги врати парите, сведокот одговори дека тој усно му кажал дека ако не се заврши работата ќе ги врати парите.

Во продолжението на судењето треба да сведочи сведокот Стефан Димовски, лицето кое го превезе Палчо од Белград до Турција, за кого исто така се води постапка.

На изминатите рочишта сведочеа мајката на Вања, ќерката на Жежовски и нејзиниот сопруг, како и повеќе лица вклучени во истрагата за двете убиства, меѓу кои инспектори и членови на политичката партија „Десна“. На последното рочиште беше сослушано семејството на таткото на Вања. 

На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.

Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Додека, грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.

Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска. ар/ев/

ФОТО: МИА Архива 

 

 

 

 

 

 

 

Остани поврзан