Во Крива Паланка се одржа целовечерен концерт на ансамблот „Македонија"
- Звуците на чалгијата со градските игри и песни од Тетово, Битола, Скопје, Велес, Струга и Охрид, синоќа ја разубавија и развеселија кривопаланечката публика во Националната установа Центар за култура на целовечерниот концерт на ансамблот „Македонија".
Крива Паланка, 7 ноември 2025 (МИА) - Звуците на чалгијата со градските игри и песни од Тетово, Битола, Скопје, Велес, Струга и Охрид, синоќа ја разубавија и развеселија кривопаланечката публика во Националната установа Центар за култура на целовечерниот концерт на ансамблот „Македонија".
Концертот насловен „Ансамбл Македонија со вас" донесе вистинско уживање за присутните кои бесплатно го проследија настапот на ансамблот при музичката академија на Универзитетот „Гоце Делчев" Штип, репрезент на македонската традиционална култура, единствен во државата од ваков тип.

-Ансамблот работи со кадар, професионалци, кои се едуцираат на споменатата институција, универзитетот. Со него раководат врвни професионалци и стручен кадар од областа на традиционална игра, традиционални инструменти и пеење. Репертоарот на ансамблот е категоризиран според орските и музичките стилски карактеристики обработувајќи сценски адаптации од сите играорни подрачја во Македонија: западно, југозападно, јужно, источно и северно играорно подрачје. За сценско презентирање, ансамблот располага и со автентични традиционални носии од различните етнички предели во Македонија, нагласени преку различни социјални атрибути и реквизити, прикажувајќи ги различните социјални статуси во културата на живеење, информираат од ансамблот „Македонија".
Облековниот инвентар на ансамблот „Македонија“ се презентира и преку различни модни стилови карактеристични за историското минато на македонската култура. Модни стилови карактеристични за градските центри како ала-Турка од крајот на 19 и почеток на 20 век со турско-ориенталното влијание во облековната култура, како и ала Франга – западноевропскиот градски моден стил од почетокот на 20 век, информираат од ансамблот „Македонија".
Настанот е дел од проект поддржан од Министерството за култура и туризам. ид/дма/
Фото: МИА