Во Крива Паланка се одржа настанот „Родниот крај од поинаков агол"
- Млади талентирани ученици од Крива Паланка со музички и ликовни афинитети синоќа настапија пред публиката во Националната установа Центар за култура Крива Паланка во рамки на завршниот настан „Родниот крај од поинаков агол“, креативен проект со акцент на развивање музички и уметнички таленти кај младите, поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.
Крива Паланка, 5 јуни 2025 (МИА) - Млади талентирани ученици од Крива Паланка со музички и ликовни афинитети синоќа настапија пред публиката во Националната установа Центар за култура Крива Паланка во рамки на завршниот настан „Родниот крај од поинаков агол“, креативен проект со акцент на развивање музички и уметнички таленти кај младите, поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.
- Во рамки на Годишната програма за работа на НУ Центар за култура, се реализира проектот „Родниот крај од поинаков агол“, кој привлече многубројна публика. Настанот беше вистинска прослава на младинскиот креативен дух, каде млади ликовни и музички таленти се претставија со свои изведби. Продолжуваме со развој на потенцијалот на сите млади таленти од градот кои преку разни проекти и секции се ангажирани во установата, работат со стручните ментори и ги презентираат истите пред јавноста, рече директорот на НУЦК Крива Паланка, Сашко Додевски.
Триесетина основци од двете училишта во градот работеа под стручно менторство на професорката по музичка уметност, Лариса Жулина Митовски и професорот по ликовна уметност, Лазо Георгиевски.
-Младите учесници успеаја да предизвикаат силни емоции кај присутните, кои ги наградија со искрени и долготрајни аплаузи. Публиката уживаше во уметнички дела и музички настапи кои го прикажаа родниот крај на еден свеж, инспиративен и поинаков начин, а проектот уште еднаш ја потврди важноста од вложување во младите уметници и нивното активно вклучување во културниот живот на заедницата, нагласи Додевски. ид/дма/
Фото: НУЦК Крива Паланка