Во Крива Паланка се одржа „Вечер на Осоговски песни"
- Звуците на староградската македонска песна, автентичноста на староградскиот стил на облекување од осоговскиот регион, придружувани од ритамот на тамбура, хармоника, флејта, синоќа ги одушевија паланчани на „Осоговска староградска вечер 2025“ што се одржа на летната сцена во градскиот парк Крива Паланка.
Крива Паланка, 31 јули 2025 (МИА) - Звуците на староградската македонска песна, автентичноста на староградскиот стил на облекување од осоговскиот регион, придружувани од ритамот на тамбура, хармоника, флејта, синоќа ги одушевија паланчани на „Осоговска староградска вечер 2025“ што се одржа на летната сцена во градскиот парк Крива Паланка.
Настанот го организираше Националната установа Центар за култура Крива Паланка како дел од годинашната програма на Кривопаланечко културно лето, а настапија староградски друштво и вокални состави од Берово, Пехчево, Штип и Крива Паланка.
Публиката во преполниот амфитеатар во градскиот парк уживаше во изведбата на музика и песни што го отсликуваат староградскиот стил на живот во овие краеви од државата, пренесени и интерпретирани од повозрасни пејачки состави: Здружение „Распеани беровчани", Берово, Градски хор, Штип, „Малешевска Китка", Пехчево и културно - уметничко здружение"Распеани паланчани ".
Пред публиката настапија и млади изведувачи, почитувачи на традиционалното староградско живеење и градска традиција од Крива Паланка, културно -уметничко друштво „8 Октомври", при НУ Центар за култура Крива Паланка, кои донесоа нова енергија на сцената со карактеристична интерпретација на најпознатите песни од градската традиција од кривопаланечко, прикажувајќи го сценски адаптираниот карактеристичен начин на пеење на песните со движење низ сокаците и маалите, со познатите „мекамски“ ора, играни со посебен мерак.
Реминисценцијата на староградскиот стил на живот од овој крај ја надополнија и „Распеани паланчани" кои пред два дена на истата сцена имаа целовечерен концерт и покрај останатите мелодии од градот под осоговието, ја испеаја и химната на градот „Моја Крива Паланка" што беше создадена минатата година во соработка со Дац и Александар по повод празникот на градот во рамки на манифестацијата „Крива Паланка - Град на културата за 2024".
Програмата од „Кривопаланечко културно лето 2025“ продолжува со свечено одбележување на Илинден, 2 Август, пред општината, по што во август следуваат концерт на Андријана Јаневска и „Митан проект", забавни програми и настани за најмладите, традиционална музика, а заокружување на летната програма носи манифестацијата „Шопско село", традиционалните фестивали на храна, ракотворби и занаетчиство, Меѓународниот фолклорен фестивал „Св.Јоаким Осоговски", музичкиот фестивал „Џојфест" и големите концерти по повод Денот на градот, закажани за 29 и 30 август со настапот на познати балкански музички ѕвезди. ид/дма/
Фото: МИА