• вторник, 02 јули 2024

Во Крива Паланка околу илјада деца на „Првоаприлски маскенбал"

Во Крива Паланка околу илјада деца на „Првоаприлски маскенбал

Крива Паланка, 31 март 2023 ( МИА) - Со најмасовно детско дефиле под маски и учество на над илјада дечиња од предучилишна и училишна возраст, во Крива Паланка беше одбележан Денот на шегата, 1 Април.

По повод Денот на шегата Општина Крива Паланка го организираше досега најмасовното детско дефиле, со креативни маски и богата програма со забавна содржина за сите дечиња.

- Стотици маски креирани од најмладите дечиња и нивните ментори од детската градинка „Детелинка“, учениците од ООУ „Јоаким Крчовски“, ООУ „Илинден“, како и учениците од подрачните училишта од селата: Дурачка Река, Жидилово, Узем, Конопница и Мождивњак, денеска продефилираа низ  централната улица и градскиот плоштад. Плоштадот беше претесен да ги собере сите заедно, дечињата и нивните ментори, нивните баби, дедовци, мајки, татковци. Оваа убавина од бои и креативност на менторите, наставниците и родителите да ги маскираат своите деца во омилените јунаци, денес беше привилегија да се види, но и да им се оддаде признание за креативноста и иновативноста, информира службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка.

Општината организираше и избор на најкреативни групни маски и обезбеди соодветни награди ,а кои одлучуваше жири комисија. Прво место за групна маска освои „Распеани паланчани“, маска изработена во детска градинка „Детелинка“ од група „Звездички“, второ место маска „Виолини“  и трето место „Пролет".

- Прекрасна и раскошна е глетката на преполниот плоштад насмеани и весели детски лица, наше богатство што го прави настанот уникатен. Сите прекрасни, и секој од нив е посебен, а сите заедно ја прават оваа манифестација најубава. Честитам за вложениот труд и енергија во креирање на маските на сите наставници, ментори и учители. Наша обврска е да им го овозможиме најдоброто на дечињата, а нашите заложби се секое дете да има среќно детство, рече градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

Забавта на плоштадот беше збогатена и со настапот на популарните Биби и Боби и перформансот на магионичарот Кристијан. иб/сх/

Фото: Општина Крива Паланка 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан