• четврток, 26 март 2026

Во Кочани 28. издание на „Деновите на медот“

Во Кочани 28. издание на „Деновите на медот“

Кочани, 25 октомври 2025 (МИА) - „Паркот на Револуцијата“ во Кочани денеска и утре е домаќин на традиционалната манифестација „Денови на медот“, која годинава, во организација на Пчеларското здружение „Матица“, го живее своето 28. издание.

На повеќе од дваесет штанда присутни се пчелари од целата држава, од Охрид до Пехчево. Излагачите нудат пчелни производи во различна форма, комбинирани со масла и други растителни продукти, што го зајакнуваат имунитетот и позитивно делуваат на здравјето. Се нуди и опрема, неопходна за пчеларите. 

- Идејата е промоција на медот и останатите пчелни производи. Медот треба да се конзумира во текот на целата година за да се види бенефит од него, рече Борчо Атанасов, претседател на ПЗ „Матица“ од Кочани, на чинот на отворањето на оваа традиционална манифестација.

Претседателот на Сојузот на пчеларските здруженија на Македонија, Менде Трајковски, е редовен гостин на „Деновите на медот“ во Кочани. Тој, ПЗ „Матица“, го смета за едно од најактивните здруженија во регионот, што со различни активности придонесува за афирмација на пчеларството како економска дејност.

Пчеларите во Македонија од Министерството за земјоделство добиваат субвенција од 600 денари по пчелно семејство. Според Трајковски,  Европскиот пчеларски сојуз кој е формиран минатата година издал препорака до сите земји од Европската унија за дополнителна поддршка од 600 денари по пчелно семејство во 2026 година. Заклучокот е пренесен и до надлежното ресорно министерство кај нас, од каде е добиено ветување дека истото ќе се реализира.

Одржувањето на Манифестацијата „Денови на медот“ е поддржано од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и од Локалната самоуправа на Општина Кочани. ис/аа/

фото: МИА 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан