Во Кавадарци препораки за лозарите да ги заштитат лозите од пролетни мразеви
- Препораки за лозарите да ги заштитат превентивно лозите од пролетни мразеви беа дадени денеска од страна на група агрономи, преку кабинетот на градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев.

Кавадарци, 4 април 2025 (МИА) - Препораки за лозарите да ги заштитат превентивно лозите од пролетни мразеви беа дадени денеска од страна на група агрономи, преку кабинетот на градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев.
- Според информациите од метеоролошките станици, се најавуваат ниски температури под 0°С во деновите понеделник и вторник. Препорачано е да се изврши превентивна заштита од пролетни мразеви, се вели во објавата на Фејсбук страницата на Јанчев.
Притоа е наведено и со какво заштитно средство да се изврши превентивната заштита на видовите лози. Наведени се и сортите на виновни лози што треба да се истретитаат тие два дена задолжително, но и други сорти што имаат постигнато одреден развој во овој период од годината.
- Особено во пораните реони, реоните кои се подложни на пролетни мразеви како и депресивни локалитети. Во катастарските општини и поедини места во Тиквешијата како што се: Трстеник, Росоман, Манастирец, Куриите, Сопот, Марена, Тимјаник, Ридиштата, Главите, Црно Поле, Дубровско, Бутчето, Калдрма, Криволак, Пепелиште, Дреново, Брушани, Возарци, пишува меѓу другото во препораките до лозарите.
Ефектот е, како што е наведено, да се намали точката на мрзнење како што се користи солта за одмрзнување на патиштата за движење.
Подвлечено е и каков препарат не смее да се користи, за да не се зголеми можноста за мрзнење на папките и ластарите. свд/мд/
Фото: Љупчо Милачов