• сабота, 06 декември 2025

Во Кавадарци отворен регионален Центар за згрижување на бездомни миленици и ветеринарно здравство 

Во Кавадарци отворен регионален Центар за згрижување на бездомни миленици и ветеринарно здравство 

Кавадарци, 2 мај 2025 (МИА) - Регионален Центар за згрижување на бездомни миленици и ветеринарно здравство беше отворен денеска во Кавадарци, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и министерот за локална самоуправа Златко Перински. Центарот е наменет за сите девет општини од Вардарскиот плански регион. 

Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев информираше дека во стационарот ќе може хумано да бидат сместени 67 миленици во боксови, а ќе има и ветеринарна клиника за прием, преглед, кастрација, чипирање лекување и понатамошна социјализација.

Меџити информираше дека со Министерството за животна средина и просторно планирање се реализираат три проекти во Кавадарци. 

- Станува збор за дел од проектите што како министерство и како Влада ги реализираме во сите општини низ државата, без никаква дискриминација, независно кој ја води општината или од која партија, но исклучиво се водиме според потребите на граѓаните. Во Кавадарци, заедно со општината финансираме три проекти во делот на подобрување на водната инфраструктура со вкупна вредност од 1 милион и 300 илјади евера, од кои околу 1 милион евра се неповратни грант средства државна помош, а 300 илјади евра е сопствена контрибуција на општината, соопшти Меџити.

Тој се осврна и на еден друг проект што се реализира во градот. 

- Ја градиме водоводната и канализациска мрежа во блок 5.9 улица „Вељко Влаховиќ“, со што за оваа новоизградена населба ќе обезбедиме поврзување на станбените објекти со постоечката водоводна и канализациска мрежа за 400 домаќинства, додаде Меџити. 

Набавуваме, рече, водомери со далечинско отчитување за замена или поставувавање на нови мерни инструменти за над 2.000 домаќинства.

- Co овие проекти го подобруваме животниот стандард на кавадарчани и ја помагаме општината во намалување на загубите на вода за дури 62 отсто, истакна Меџити.

Министерот Перински изрази задоволство од посетата на Кавадарци и рече дека ова е пример на успешна соработка меѓу централната и локалната власт. Притоа информираше дека на првиот и вториот јавен повик, Општина Кавадарци аплицирала со 17 проекти, кумулативно во вредност нешто повеќе од 400 милиони денари. 

-Со овој проект преку третирање на бездомните миленици од страна на стручните служби од стационарот ќе постигнеме неколку стратешки цели на ниво на регионот, како подигнување на безбедноста во регионот и намалување на штетите предизвикани од бездомните животни, но пред се нивно згрижување и грижа. Центарот е со локација во населба Глишиќ на површина од 5.470 квадратни метри. Овој центар за згрижување на бездомни миленици и ветеринарно здравство во Вардарски плански регион се однесува на хуман третман на животните со директно влијание врз здравјето и безбедноста на луѓето, информираа од кавадаречката локална самоуправа. 

Оттаму појаснија дека проектот е финансиран од страна на Министерството за локална самоуправа и Швајцарската амбасада, во вкупна вредност од 21.000.000 денари и кофинансирање од страна на Општина Кавадарци. 

Во текот на работната посета на Кавадарци, беше извршен увид на неколку локации. Свечено беше отворена спортска сала во село Сопот, со корисна површина од 500 квадратни метри, инвестиција на Општина Кавадарци во висина од 22.000.000 денари. Во објектот што е во рамките на основното училиште, се наоѓаат соблекувални, тоалети и просторија за наставниците.

Беше извршен увид во градежни активности на Моклишки водовод во месноста Моклиште,  проект преку Министерството за животна средина и просторно планирање. Се работи за изградба на водоводна и канализациска мрежа и реконструкција на каптажите во месноста Моклиште.

- Овие каптажи постојат од педесетите години, но се руинирани заради негрижа, па сега се врши реконструкција на постојните каптажи, каде водата се носи преку цевки во резервоар од 150 кубни метри. Од резервоарот се дистрибуира водата до сите жители кои што гравитираат во овој дел на градот. Самата реализација опфаќа водовод и канализација од 6,5 километри. Станува збор за инвестиција во висина од 50.000.000 денари од кои 34.540.000 денари се од Министерството за животна средина и 15.679.000 денари од Општина Кавадарци, информираа од кавадаречката локална самоуправа. 

Увид беше направен и на две локации на кои, како што појаснија од Општината,  има инвестиции од унгарскиот заем. Притоа додадоа дека во првиот случај се работи за пуштање во употреба на улицата „8 Септември“, целосно реконструирана и асфалтирана, а во вториот, за увид во градежни активности на кружен тек вон опфат на регионален пат Росоман - Кавадарци. 

- Имаме реконструкција на улицата на површина од 2.500 квадратни метри, што опфаќа промена на рабници, промена на бекатон елементи на тротоар, вадење на стар асфалт и целосно асфалтирање во два слоја. Инвестиција од унгарски заем во висина од 9.107.498 ден со ддв. Имаме исто така изградба на кружен тек на површина од 2.700 квадратни метри на R1107 надвор од опфат пред влез во општина Кавадарци. Инвестиција преку унгарски заем, грант од Влада на РМ. Инвестиција од 11.300.000 денари со ддв, информираа од кавадаречката локална самоуправа. свд/мд/


Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан