• сабота, 09 ноември 2024

Во изминатите четири дена во Грција биле откриени и спасени над 580 бегалци и мигранти

Во изминатите четири дена во Грција биле откриени и спасени над 580 бегалци и мигранти

Атина, 8 октомври 2024 (МИА) – Во 18 одвоени случаи во морските делови кај островите во Егејското море што се во близина на турското крајбрежје и во јужниот дел на островот Крит, во изминатите четири дена биле откирени и спасени 588 бегалци и мигранти и уапсени 22 криумчари, јави дописничката на МИА од Атина.

Доколку се анализираат секојдневните официјални податоци од крајбрежната служба на Грција, мигрантите најчесто се превезувале во чамци или едрилици во групи од 18 до 70 лица, а заедно со нив биле и криумчарите, кои се упасени. 

Во периодот од петокот до вчера, нешто помалку од половина од откриените лица, односно 263 се во близина на малиот остров Гавдос што е најјужната точка и на Грција и на Европа, а најчесто мигрантите оваа рута ја користат за од Либија да стигнат во Италија.

Мигранти биле откриени и во близина на Крит што е исто така дел од т.н. јужна рута, додека пак од турското крајбрежје кон грчките острови Самос, Родос, Сими Кос, Лезбос и Агатоноси имало нешто помалку од 200 лица.

Во спасувачките акции што ги води крајбрежната служба, помагаат и товарни бродови и други пловни средства што се во непосредна близина.

За општата ситуација со мигрантското прашање во Грција портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис во интервју за државната телевизија ЕРТ, посочи дека е намален бројот на мигранти кои престојуваат во земјата, објаснувајќи дека тоа се должи на владината политика, односно „планот за заштита на границите, строга, но праведна миграциска политика и на копно и во море, промена на процесот на давање азил“, но и „притисок кон Европа“ дека не може Грција, „границата на Европа, да го носи целиот товари“. ср/ссм/

Остани поврзан