• недела, 28 април 2024

Во издание на „Матица Македонска“, објавено тротомно издание на колумните на Страшо Ангеловски

Во издание на „Матица Македонска“, објавено тротомно издание на колумните на Страшо Ангеловски

12 април 2024

Книгоиздателството „Матица Македонска“ од Скопје го објави тротомното издание колумни на Страшо Англовски со заеднички наслов „Човекот, зборот, вистината“. Како што кажува и самиот наслов, авторот се обидува, останувајќи пред сѐ човек, користејќи го најмоќното оружје – зборот, да допре, колку што е можно, подлабоко во вистината. Во трокнижието, на нешто повеќе од илјада страни, се поместени над тристотини текстови создавани во изминатото четвртина столетие и објавувани во весниците „Денес“, „Македонија Денес“ и „Време“ и во електронските медиуми „НетПрес“ и „Денешен. мк“. Бидејќи авторот, Страшо Ангеловски, во политичкиот живот учествува од самите почетоци со создавањето на МААК како политичка партија во 1990 година, најпрво како нејзин член, а веќе подолго време, сѐ до денес, како нејзин претседател, текстовите се ангажиран општествено-политички став за случувањата во државава и во глобалните светски процеси, а по својата содржина најчесто спротивни на официјалната „вистина“ наметнувана како догма од домашните и светските центри на моќ.

Во основа, тротомното издание „Човекот, зборот, вистината“ е обид со збор да се соопшти вистината од својот агол. Авторот и политичар Страшо Ангеловски е роден на 5 август 1959 година е претседател на МААК, првоформираното политичко Движење за семакедонска акција, кое, според него, не претставува политичка партија, туку вечен аманет на најголемите македонски умови од втората половина и крајот на дваесеттиот век, нејзините основачи – Гане Тодоровски (прв претседател на МААК), Анте Поповски (втор претседател на МААК), Петре М. Андреевски, Љубиша Георгиевски, Бранко Гапо... Во непрекинати разговори со нив, уште како млад ги гради своите политички ставови изнесени токму во овде објавените текстови. Дипломирал на Интердисциплинарните студии по новинарство на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Работел во културната редакција на синдикалниот весник „Трудбеник“ и учествувал во создавањето на првиот независен дневен весник во Македонија – „Република“.

Ангеловски е познат по своите ставови за обединување на Македонија и промовирање на современиот македонски национален идентитет како нормален развој во континуитетот на македонското постоење од антиката до денес.

Како претседател на МААК, во 1998 година, во Обединетите Нации во Женева поднел Меморандум за ревизија на Букурешкиот договор и обединување на Македонија. Негова единствена политичка заложба е – Македонија - независна, суверена, самостојна, богата, неутрална држава. Држава за почит. Текстовите поместени во овие корици се резултат на таа непрекината заложба. Дел од Аманетот кој не смее да згасне.

„Матица Македонска“ 

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Остани поврзан