• сабота, 11 мај 2024

Во издание на „Матица македонска“ второ издание на романот посветен на љубовта на Гоце Делчев и Јанка Каневче

Во издание на „Матица македонска“ второ издание на романот посветен на љубовта на Гоце Делчев и Јанка Каневче

Скопје, 21 декември 2023 (МИА) - Книгоиздателството „Матица македонска“ од Скопје го објави второто издание на романот „Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски, верзија раскажана од позиција на Јанка Каневче.

-Романот посветен на љубовта на Гоце и Јанка го отвора прашањето за тоа дали може да се биде среќен без чувства, трансформирајќи ја дилемата „да се биде или не“ во максимата „да се чувствува или да се умре“. Големата љубовна одисеја почнала кога Јанка имала дваесет и две а Гоце дваесет и осум години, и траела речиси три години, до крајот на неговиот живот. Планирал да се ожени со неа веднаш по Илинденското востание, но не успеал да го преживее предавството. Неколку месеци пред убиството во Баница му оставил аманет на својот пријател Герџиков, ако тој загине, Јанка да се омажи за него, но само ако се родат некакви чувства. Дали се родиле такви чувства?, се вели во денешното соопштение од „Матица Македонска“.

Во освртот кон второто издание на романот, академик Митко Маџунков пишува дека Миневски е мајстор-раскажувач а користењето на историската граѓа е нешто на што може да му позавиди секој писател, и тоа е често поважно, или барем исто толку важно како и книжевното мајсторство.

-Без историската граѓа, Андриќ, на пример, би бил автор на Знакови покрај патот, но не и на Мостот на Дрина: „Во ткивото на романот „Ако се родат некакви чувства“ има безброј детали, и многу мајсторска големина, а трагите од прегратката врз фустанот на љубената спаѓаат во најефектните сцени, заедно со моментот кога Герџиков останува пред границата, гледајќи како ги носат коските на Гоце од една во друга туѓина. Гарибалди има држава што сака да ја пресоздаде, а македонскиот Гарибалди допрва треба да создаде држава во облаците, дејствувајќи во две веќе постојни, но туѓи држави. Во таа смисла трагичната судбина на Македонија се совпаѓа со трагичната судбина на Гоце - да ја прифатиш смртта како судбина, а идеалите и љубовта да ги оставиш во аманет на некој друг. А аманетите, дури и кога се исполнуваат, секогаш се само бледа сенка на вистинската љубов па, дури и да се случат, ќе се случат во друг и непрепознатлив свет. Должноста е ставена над љубовта, како што и татковината е ставена над животот. Затоа Гоце свесно ја прифаќа судбината, и толку рано и лесно се простува од животот и од љубовта“, пишува Маџунков.

Според проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, во романот со голема умешност е засведочената љубовта меѓу Гоце и Јанка Каневче, која авторот ја споредува со големите, познати љубови, некои и трагични, како онаа на Гарибалди и Анита. Ако љубовта може да се докаже, а историјата не може да се утврди, тогаш чувствата се единствена вистина, иако Миневски како автор оперира со доволно историографски факти.

-Биографиите и фељтоните, а со нив и историите, им се обраќаат на читателите од сите идни времиња, фикцискиот Гоце Делчев му се обраќа исклучиво на своето Јас! Или, овој фикциски Гоце Делчев е сѐ она што не можел да каже историскиот Гоце Делчев! Во нашата колективна меморија љубовта на Делчев и Каневче има, или треба да има, значење какво што имаат големите љубовни приказни во другите култури. Зошто? Затоа што преку оваа приказна можат да живеат и други, важни димензии на личноста на Делчев, кои ги нема во историските читанки. Во тој простор на слобода е создаден овој антологиски роман на Блаже Миневски“, заклучува Мојсова-Чепишевска. сст/дма/

Фото: Матица Македонска

 

Остани поврзан