• петок, 05 декември 2025

Во Зрновци се реализираше првата обука на пчелари од Македонија за производство на трутово млеко

Во Зрновци се реализираше првата обука на пчелари од Македонија за производство на трутово млеко

Кочани, 27 мај 2025 (МИА) – Здружението за рурален развој „Јавор“ од Зрновци ја реализираше првата практична обука за пчелари од повеќе градови од државата за начинот за производство на таканаречено трутово млеко, како дополнителен корисен продукт во пчеларството.

Предавањето и обуката се во рамки на проектот „Паметен соларен пчеларник“, а беа претставени главните карактеристики што ги има трутовото млеко и неговите предности во подобрувањето на имунитетот и целокупната здравствена состојба на луѓето кои го користат во исхраната.

Интересот за обуката во Зрновци беше голем, а предавач беше Пламен Христов, пчеларски експерт и доцент на Институтот за сточарство од Костинброд, во софиската област во Бугарија. Тој нагласи дека иако трутовото млеко не е нов и непознат пчелен продукт, сè уште малце се користи и неопходна е поголема едукација и на пчеларите, кои треба да го произведат, и на населението кое треба да биде подобро информирано за лекувачките и други својства што тоа ги има.

-Масовна консумација на трутово млеко нема ниту во Бугарија, а уште помалку во Македонија. Сакаме да издадеме една кратка, но содржајна брошура, како советник за пчеларите, при што ќе користиме информации од руско говорно подрачје, каде трутовото млеко одамна се произведува и користи. Целта е да ја претставиме корисноста од овој пчелен продукт, но не само неговите лекувачки својства, туку и како прехранбен производ, како деликатес и додаток во исхраната. За разлика од матичниот млеч, трутовото млеко е многу поевтин продукт, а има околу 50 отсто од неговите корисни состојки, односно некои микроелементи, како цинк и селен или витамини, што за современиот човек се дефицитарни и тој нема лесен пристап до нив. Свесни сме дека претстои долг пат додека широката популација го прифати како производ, меѓутоа од некаде треба да се почне, истакна Христов.

При практичната обука на присутните пчелари им беше претставен начинот на производство на трутово млеко. Од пчелните рамки, т.н. градежници во кои претходно не е поставена жица и восок за да се стимулира добивањето трутови ларви, беа исечени парчиња и ставени во едноставна преса со цедалка. Кратко време по пресувањето се цеди трутовото млеко што веднаш е подготвено за користење, а присутните пчелари имаа можност да го пробаат.

Проектот „Паметен соларен пчеларник“ е подржан од Европската Унија и Владата на Црна Гора преку регионалниот проект „EICEE-Екосистем за екоиновации и циркуларна економија на Западен Балкан“ и ќе трае до средината на декември оваа година. та/цр

фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан