• недела, 22 декември 2024

Во Загреб ќе се одржи Балкан Економик Форум

Во Загреб ќе се одржи Балкан Економик Форум

Загреб, 18 октомври 2024 (МИА) - Балкан Економик Форум - БЕФ денеска ќе се одржи во Загреб, Република Хрватска, под главно покровителство на Central European Initiative (CEI), кој БЕФ 2024 го именува како свој водечки настан во годината.

Форумот кој, како што се наведува, „своите зачетоци ги има во Македонија, повторно на едно место ќе ги обедини економските, политички и академски лидери на Европа“. По успешните изданија во Скопје и Тирана, водечката регионална конференција Балкан Економик Форум се враќа со ново издание кое оваа година ќе се одржи во Загреб.

- Овогодинешниот форум ќе ги собере лидерите и иноваторите од Балканот и Европа за да разменат информации, искуства и препораки за справување со регионалните економски предизвици и промовирање на одржлив раст. Фокусирајќи се на стимулирање на зелениот раст и транзиција, BEF 2024 ќе содржи четири панели: Циркуларна економија; Иновации и претприемништво; Отпорност кон климатски промени и Чиста енергија. На конференцијата учествуваат врвни експерти од своите области од 12 земји членки на Централноевропската иницијатива, изјавил во пресрет на новото издание претседателот на БЕФ, Сашо Ќосев. 

Од Балкан Економик Форум соопштија дека крајна цел на Здружението за регионален развој е да стане регионална платформа каде експертите, професионалците и лидерите од Балканот и светот, угледни личности од јавниот и приватниот сектор, академици, студенти, медиуми и други споделуваат идеи и предлози за најголемите економски предизвици кои што треба да се решат и надминат во регионот на Балканот, давајќи ја на тој начин својата поддршка на напорите на владите на земјите од регионот да постигнат одржливо влијание врз промоцијата на економскиот раст, регионалната соработка, мирот и безбедноста. цр/вг/

Фото: Балкан Економик Форум 

 

Остани поврзан