• четврток, 22 август 2024

Во Ерусалим уапсени петмина ултраортодоксни противници на регрутацијата

Во Ерусалим уапсени петмина ултраортодоксни противници на регрутацијата

Ерусалим, 21 август 2024 (МИА) - Израелската полиција денеска соопшти дека уапсила пет ултраортодоксни демонстранти на протестите во Ерусалим против задолжителната регрутација.

Стотици ултраортодоксни Евреи демонстрираа пред канцеларијата за регрутација, блокирајќи ги улиците и спречувајќи ги луѓето кои добиле регрутирање да се пријават.

Околу 3.000 ултраортодоксни добија повици да се пријават во последните недели, откако Врховниот суд едногласно и нареди на израелската Влада да започне со регрутирање на ултраортодоксните Евреи во армијата.

Целта на наредбата е да се укине системот што им дозволуваше на ултраортодоксните Евреи да избегнуваат задолжителна воена служба.

Повеќето Евреи, и мажи и жени, служат во војска од две до три години, а потоа се во резерва додека не наполнат 40 години.

Околу 1,3 милиони ултраортодоксни Евреи сочинуваат 13 отсто од населението на Израел и се против регрутирањето бидејќи сметаат дека посетувањето верски училишта е нивна најважна должност.

Тоа ослободување од регрутација одамна предизвика гнев кај секуларната јавност што се засили за време на актуелната војна меѓу Израел и Хамас откако израелската армија мобилизираше десетици илјади резервисти и соопшти дека и се потребни сите сили што може да ги обезбеди.

Во текот на војната меѓу Израел и палестинскиот Хамас во Појасот Газа, загинаа 600 израелски војници. рп/

Фото: ЕПА

Остани поврзан