Во експлозијата во шиитска џамија во Исламабад 31 загинат и 169 повредени
- Бројот на жртви во самоубиствениот бомбашки напад во шиитската џамија „Тарлаи Имамбаргах“ во областа Шехзад Таун во Исламабад се зголеми на 31, а 169 се повредени, соопштија локални извори и безбедносни претставници.
Исламабад, 6 февруари 2026 (МИА) - Бројот на жртви во самоубиствениот бомбашки напад во шиитската џамија „Тарлаи Имамбаргах“ во областа Шехзад Таун во Исламабад се зголеми на 31, а 169 се повредени, соопштија локални извори и безбедносни претставници.
Експлозијата се случи во текот на молитва во момент кога верниците се собирале во „Имамбаргах“, религиозно место на кое шиитските муслимани се собираат за да се молат и да го одбележат мачеништвото во Кербала, објави „Индија тудеј“.
Според првичните резултати од истрагата, властите да го карактеризираа инцидентот како самоубиствен напад.
На снимките од местото на настанот, објавени од локалните медиуми, се прикажани уништена област, остатоци расфрлани по експлозијата, како и насобрани граѓани и членови на семејствата што си ги бараат исчезнатите.
Безбедносните сили бргу ја обезбедија пошироката област, а форензички екипи, полиција и медицински персонал беа испратени на местото на настанот.
Службите за итна помош веднаш почнаа со евакуација на повредените, кои беа однесени во блиските здравствени установи.
Пакистанскиот институт за медицински науки прогласи вонредна состојба, а повредените се лекуваат во оваа болница и во поликлиниката - пренесе весникот „Експрес трибјун“ повикувајќи се на официјални претставници. рп/
Фото: МИА архива