Во Делчево oдбележан Меѓународниот ден на старите лица
- По повод 1 Октомври – Меѓународниот ден на старите лица, во просториите на Здружението на пензионери во Делчево беше организиран настан посветен на здравјето и поддршката на највозрасните сограѓани.
Делчево, 1 октомври 2025 (МИА) – По повод 1 Октомври – Меѓународниот ден на старите лица, во просториите на Здружението на пензионери во Делчево беше организиран настан посветен на здравјето и поддршката на највозрасните сограѓани.
На присутните пензионери им беше овозможено бесплатно мерење на крвен притисок, а од страна на д-р Тони Георгиевски, специјалист по интерна медицина се одржа предавање на тема „Најчести болести кај возрасните лица – превенција, рано препознавање и заштита“.
Во текот на предавањето беа споделени совети за правилна исхрана, значењето на физичката активност и вниманието кон секојдневните навики, со цел намалување на ризикот од болести и подобрување на квалитетот на живот.

Координаторите на социјални услуги од Домот за стари и изнемоштени лица и лична асистенција ги информираа пензионерите за услугите кои ги нуди Општинскиот организационен центар за координација (ООЦК) Делчево и начинот за нивно користење.
-Грижата за старите лица е грижа за нашата иднина. Нашата цел е да обезбедиме здравје, почит и достоинствено секојдневие за сите наши највозрасни сограѓани“, истакнаа од Општинската организација на Црвениот крст Делчево.
Од настанот беше испратена порака дека секојдневната поддршка, внимание и здравствена грижа се основа за квалитетен и достоинствен живот на старите лица, а заедничката грижа и почит кон нив ја гради и иднината на заедницата. вс/дма/
Фото: МИА