• понеделник, 24 јуни 2024

Во Делчево прикажана монодрамата ,,Срам" во рамки на настанот ,,Шепоти во огледало"

Во Делчево прикажана монодрамата ,,Срам

Делчево, 29 мај 2024 (МИА) – Во организација на Здружението „Жена“, вечерва во киносалата во Делчево во рамки на проектот „Јаки жени ја јакнат заедницата“ се одржа настанот „Шепоти в огледалото“, на кој актерката Ангела Стојановска ја изведе монодрамата „Срам“.

– Преку емотивната моќ на монодрамата, рефлексијата на истата и дискусијата со публиката се отвори можност каде двојките и жените ќе можат да споделат искуства за позитивни и негативни доживувања. Во првиот дел присутните имаа можност да се насмеат, да си разјаснат некои дилеми, а во вториот дел отворено да си поразговараат кога се почувствувале омаловажени засрамени, и дискриминирани, истакна Стефанија Арсова од Здружението „Жена".

За актерката Стојановска, дипломирана на Факултетот за драмски уметности Скопје, претставата „Срам" е прва нејзина претстава каде таа отворено зборува за одредени проблеми со кои се соочила во животот.

– Претставата беше работена околу половина година и иако е мој авторски проект не ја работев сама, имав поддршка од моите соработници Милош Андоновски кој е театарски режисер, Ива Камчевска која е драматург. Самата претставата е работена со финансиски средства по распишан оглас од Титинг. Тоа е една организација која во тој момент отвори платформа за изведувачки уметности. Во Скопје го организираат ,,Прво па женско" што е исто така една од моите омилени работи, така да со нивна финансиска логистичка помош јас успевам да ја направам оваа претстава пред би рекла 4 години и уште е актуелна и затоа сум неизмерно благодарна, истакна Стојановска.

По завршувањето на претставата, со делчевската публика заеднички се отвори дискусија беше потенцирана потребата од повеќе вакви проекти кои ќе го потенцираат проблемот во неговата изворна форма и неговото решението низ еден уметнички пристап. вс/ра/

Фото: МИА

 

Остани поврзан