• четврток, 26 март 2026

Во Делчево одбележана 11-годишнината од прогласувањето на орото „Копачката“ за национално културно наследство

Во Делчево одбележана 11-годишнината од прогласувањето на орото „Копачката“ за национално културно наследство

Делчево, 28 ноември 2025 (МИА) - Во Делчево синоќа беше одбележана 11-годишнината од прогласувањето на орото „Копачката“ за национално културно наследство, со исклучителен интерес и за негово впишување во светското културно наследство на УНЕСКО. На настанот присуствува градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, советници, гости од Фестивалот „Јаков од Камена Река“, како и претставничката на македонската заедница во Загреб и МКД „Охридски бисер“, Ивана Брезовац.

Претседателката на Здружението „Фолклорна група Копачка“, Перса Стојановска, истакна дека ФГ „Копачка“ од с. Драмче е најстарата фолклорна група во државата и единствен носител–практичар на македонското фолклорно добро – истоименото оро, впишано во Репрезентативната листа на нематеријални културни наследства на човештвото на УНЕСКО.

Стојановска посочи дека преку изведбите и видео презентациите присутните можеле да ја почувствуваат атмосферата од над 77-годишниот опстој на групата, која низ децениите одиграла значајна улога во зачувувањето на пијанечките обичаи, изворни песни и традиционални ора.

– „Да го славиме човекот пијанечки, кој ни оставил идентитет, култура и традиција што ги отсликуваат нашите корени. Копачката е она што нè обединува и ни дава чувство на припадност. Кој и што и да сме – без Копачката, ништо не сме,“ изјави Стојановска, упатувајќи повик за негување на македонските корени.

Настанот беше одбележан и со сеќавање на долгогодишниот раководител на групата, народниот уметник Димитар Узунски, од чия смрт се навршија четири години. Стојановска нагласи дека неговиот придонес во развојот на фолклорот е „неизмерлив“.

Како дел од програмата, Стојановска синоќа додели благодарници на истакнати поединци кои континуирано ја поддржуваат „Копачката“, меѓу кои и на градоначалникот на Делчево Иван Гоцевски и на директорот на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ – Делчево, Златко Начовски.

Во рамките на настанот беше промовиран и проектот „Школа за свирење на тамбура“, субвенциониран од Општина Делчево, а младите музичари се претставија со свои изведби.

Стојановска им се заблагодари на присутните за поддршката и ги повика да продолжат да ја негуваат традицијата што ја носи ФГ „Копачка“, симбол на пијанечкиот и македонскиот културен идентитет. вс/бк/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан