• петок, 17 мај 2024

Во дебарскиот регион сите патни правци проодни, отстранет одрон кај Тресонче

Во дебарскиот регион сите патни правци проодни, отстранет одрон кај Тресонче

Дебар, 21 јануари 2024 (МИА) - Како резултат на максималната ангажираност на општинските власти и дебарската секција на Јавното претпријатие за одржување регионални и магистрални патишта во поширокиот дебарски регион сите патни правци се проодни.

-Сообраќајот се одвива тековно по влажни коловози. Се препорачува внимателно возење, прилагодување на брзината според условите на патот. Наши екипи се постојано на терен. Имаме доволно абразивен материјал и засега поголеми проблеми нема, потврдуваат од дебарската секција.

Од општина Дебар за МИА изјавија дека сите патни правци се исчистени, како и за Горно Косоврасти и Горно Рајчица, а денеска со несмален интензитет се чистат тротоарите во градот.

Во Центар Жупа чистењето на патиштата се одвивало и во текот на ноќта, посебно во Горна Жупа каде снежната покривка е од 30 до 40 сантиметри.

Од месната заедница Тресонче објавија дека вчера бил во прекин регионалниот пат кој води кон селата Тресонче, Росоки и Селце поради  одрон од две поголеми карпи кај местото Бела Водица.

- Одронот на патот е отстранет и може непречено да се минува од и кон Тресонче, Росоки и Селце. Благодарност до Општина Маврово и Ростуше за брзата  реакција, стои во објавата.

Снегот секако е добредојден за земјоделските посеви, а со неговото топење и за зголемување на дотекот на вода во акумулацијата „Дебарско Езеро". вт/вг/


Фото: МИА/с.Тресонче
 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан