• недела, 17 ноември 2024

Во Гостивар министерката Тренчевска и евроамбасадорот Гир им порачаа на младите да го засилат активизмот во рамки на караванот „Остави трага“ 

Во Гостивар министерката Тренчевска и евроамбасадорот Гир им порачаа на младите да го засилат активизмот во рамки на караванот „Остави трага“ 

Гостивар, 6 септември 2023 (МИА) – Со мултимедијален настан во Гостивар, како  дел од карванот „Остави трага“ и обраќања на министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, беа испратени пораки до младите да го зголемат нивното општествено учество и подигање на свеста за еднаквоста во општеството.

Евроамбасадорот Гир пред присутните во паркот до општинската зграда говореше за неговиот активизам од младите денови, кога, како што кажа, верувал дека може да го менува светот и во мали средини како неговиот роден град. Гир во изјава за МИА, напомена дека Гостивар е место каде е изразит мултикултурализам.

- Гостивар е прекрасен град со различности, со младо население и мојата порака вечерва за младите е: активирајте се, а ако веќе сте активни, останете активни, а пораката до целото население: градов има прекрасно наследство, наследство на различности и посилни и побогати сме кога работиме заедно и најдобро го искористуваме тоа наследство, рече амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир.

Министерката Јованка Тренчевска со своето обраќање се осврна на нејзиниот активизам на полето на родовата еднаквост, и како што напомена, процентуалната застапеност на жените во парламентот кај нас е и над Европскиот процент, а како држава сме најдобри во регионот.

- Досега сме направиле многу со граѓанските и меѓународните организации и нема да застанеме тука. На жената и е местото во сите сфери од општеството. За таму не е потребна сила, потребна е храброст и потребна е мудрост, а жените го имаат тоа. На ваков начин сакаме да пренесам и порака до младите и жените дека креираме политики кои ќе значат подобар квалитет и подостоинствен живот за секој во државата, рече Тренчевска на панел дискусијата на караванот „Остави трага“ во Гостивар.

Караванот „Остави трага“ има за цел да се поттикнат младите да го зголемат нивното општествено учество, активацијата и подигање на свеста за еднаквоста во општеството.

На панелот со свои обраќања имаа и Магдалена Несторовска, државна секретарка во МВР, Намик Дурмиши, заменик градоначалник на Општина Гостивар, Ема Нешкоски, координаторка на „Работилница за репарација на стари предмети“, Берин Мухамед, претседател на Сојуз на средношколци, Благица Ефтимова, проектна асистентка за глобален и регионален менаџмент, проф. Ермира Идризи, професорка на ЈИЕ Универзитет во Тетово, Неда Малеска, извршна директорка на Центар за управување со промени (ЦУП), Марија Андреева, проектна раководителка во рамки на канцеларијата на Советот на Европа (CoE) во Скопје.

Покрај панел дискусиите настанот беше збогатен со музички настапи, мини пиесата и сликање на уметнички дела на платно.

Серијата јавни настани која е насловена „Дојди и раскажи ја својата приказна – Остави трага“ ја спроведува Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи во соработка со Министерството за труд и социјална политика и со поддршка на проектот за борба против омразата и нетолеранцијата од заедничката програма на Европската Унија и Совет на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“. згм/цр

Фото: МИА

 

Остани поврзан