• сабота, 13 декември 2025

Во гостиварско учебната година започна со 520 првачиња и над десет илјади ученици

Во гостиварско учебната година започна со 520 првачиња и над десет илјади ученици

Гостивар, 1 септември 2025 (МИА) – Првиот учебен ден во гостиварската општина започна со запишани 520 првачиња и околу десет илјади ученици во средно и основно образование.

На првиот час во ОУ „Единство-Башкими“ со основците беше и вд градоначалникот Ваљбон Лимани, кој со скромни подароци им го честиташе почетокот на школувањето. Лимани посочи дека во новата учебна 2025/2026 година денеска започна навреме и дека во периодот на распустот училишните управи и локалната власт работеле на подобрување на условите и започнување на образовниот процес.

- Изминатиов период беа направени значителни вложувања во училишната инфраструктура. Беа заменети стари прозорци, поправани фасади, подови и други зафати кои ги прават условите за престој и учење подобри, рече Лимани.

Тој посочи дека наредниов период ќе се интензивираат работите за ставање во функција на фотоволтаиците во едно средно и едно основно училиште. Градоначалникот Лимани најави дека иницијативата за користење на обновливи извори на енергија ќе се прошири и на други училишта за да се намалат трошоците за енергија и загадувањето на воздухот.

Во општина Гостивар има четири средни училишта и десет централни основни училишта во кои вработени околу 1.200 наставници и друг придружен кадар.згм/са/

Фото: МИА

Остани поврзан