• недела, 21 јули 2024

Во Германија 25 проценти од граѓаните работат од дома

Во Германија 25 проценти од граѓаните работат од дома

Берлин, 4 март 2024 (МИА) – Економскиот институт Ифо соопшти дека во изминатите две години не е намален бројот на луѓе кои целосно или делумно работат од дома.

- Бројот на оние кои работат од дома остана речиси непроменет во последните две години. „Хоумофис“ (Homeoffice) се етаблира во Германија, наведе Жан-Виктор Алипур од минхенскиот Институт.

Според резултатите од ова истражување, во февруари околу четвртина од вработените работеле од дома целосно или делумно.

Забележливо е дека процентот на оние кои работат од дома е помал кај малите и средни компании. Најмногу вработени, 34,1 отсто, работат од дома во услужниот сектор, а најмал процент има во индустријата (16 отсто) и градежништвото (5,4 отсто).

- Без оглед на дискусиите во некои компании дали работата од дома сè уште треба да биде возможна или не, таквата работа стана добро воспоставена во Германија, посочи Алипур.

Според наодите на Ифо многу малку компании всушност размислуваат да се откажат од работата од дома.

- Никој не негира дека работата во просториите на компанијата е подобра од аспект на трансфер на знаење, групна креативност и дружење. Сепак, тоа може да се постигне со добро искористување на времето на вработените во просториите на компанијата, и покрај повремената работа од дома, истакна Алипур.

Работата од дома во Германија беше воведена за време на пандемијата со Ковид-19. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан