• среда, 25 декември 2024

Во Германија уапсени членови на милитантна група

Во Германија уапсени членови на милитантна група

Берлин, 5 ноември 2024 (МИА) - Германската полиција денеска уапси осум членови на екстремно десничарска милитантна организација, соопшти јавниот обвинител.

Осомничените, дел од нив малолетни, наводно се дел од групата Саксонски сепаратисти (Sachsische Separatisten), која се карактеризира со расистички и антисемитски идеи, се вели во соопштението на обвинителството.

„Членовите на групата се обединети во отфрлањето на либерално-демократскиот поредок и веруваат дека Германија се приближува до „колапс““, се наведува во соопштението.

Исто така, се додава дека групата планира да ја преземе власта во Саксонија и другите источни германски покраини „за да воспостави владини и општествени структури инспирирани од националсоцијализмот“.

- Дури и етничкото чистење беше дел од нивните планови, рече министерот за правда Марко Бушман.

Тој додаде дека апсењата се потсетување дека германската уставна држава и слободниот и демократски поредок се „под закана од различни страни“.

- Мораме да направиме се што можеме за да ја одбраниме нашата либерална демократија од нејзините непријатели, рече Бушман.

Осуммте мажи биле уапсени на различни локации низ Саксонија, а нивниот водач е уапсен во Полска.

Обвинителството објави дека од своето основање во 2020 година, милитантната група правела „континуирани подготовки за неизбежна и насилна промена на власта“.

Нејзините членови, вклучително и уапсените, во неколку наврати завршиле паравоена обука во борбена опрема и вежбале ракување со огнено оружје. Групата набавила и борбени шлемови, гас-маски и панцири. ссм/

фото: архива

 

Остани поврзан