• петок, 05 декември 2025

Во велешкиот Основен суд наскоро ќе започне судењето на осомничените за рушење на дел од зградата на Работничкиот универзитет

Во велешкиот Основен суд наскоро ќе започне судењето на осомничените за рушење на дел од  зградата на Работничкиот универзитет

Велес, 30 април 2025 (МИА) - Основниот суд во Велес ги одобри обвинителниот акт поднесен од ОЈО Велес, за едно физичко лице  и  обвинителниот предлог за едно правно лице осомничени за рушење на дел од зградата  на Работничкиот универзитет „Благој Страчковски“ во Велес од 17 јуни 2022 година. Како што денеска информираат за МИА од Основен суд Велес, обвинителниот акт бил  донесен вчера и писмено  објавен на страницата на судот.

„Предметот К-ООА.бр.17/25 е формиран по поднесен oбвинител акт спрема физичко лице и oбвинителен предлог спрема правно лице, стои во пишаното известување на Основен суд Велес.

Според објавеното соопштение од Основен суд Велес,  на товар на физичкото лице му се става обвинение според член 292 и член 289 од Кривичниот законик „Тешки дела против општата сигурност“, додека на правното лице според член 289 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик за „Предизвикување опасност при градежни работи“.

Ова уследи откако на 15 април годинава конечно по речиси три години од уривањето на дел од  зградата на Работничкиот универзитет „Благој Страчковски“ во Велес, ОЈО Велес поднесе обвинение до Основен суд против едно физичко лице и еден правен субјект за рушење на зградата на Работничкиот универзитет „Благој Страчковски“.

ОЈО Велес до Основен суд Велес го поднесе обвинението по извршеното градежно вештачење, економско и електронско вештачење,како и извршениот распит на лицата и обезбедената документација за работните машини.

Инаку зградата на Работничкиот универзитет  е изградена меѓу двете светски војни во 1920 година  и е во државна сопственост. Вработените во Работничкиот универзитет „Благој Страчковски“ бараат од велешкиот Основен суд што поскоро да го прогласи виновникот за рушење на зградат во која работеа и да им наложи мерка истите  ја реконструираат зградата  и да  врати во првобитната состојба.

Тие првично од страна на Општина Велес беа сместени да работат  во руинираната  зграда на поранешното Основно училиште „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“. Но беа често ограбувани, па затоа решија самите на своја сметка да си изнајмијат простории во центарот на градот, каде моментално функционираат.ад/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан