• понеделник, 21 април 2025

Во велешката касарна одбележан Денот на Командата за обука и доктрини

Во велешката касарна одбележан Денот на Командата за обука и доктрини

Велес,15 април 2025 (МИА) - Во кругот на велешката касарна „Алексо Демниевски-Бауман“ денеска свечено беше одбележан 15 април - Денот на Командата за обука и доктрини КОД, кога на 15 април во 1992 година во касарните во Скопје, Штип, Битола и Охрид пристигна првата класа регрути од регуларниот армиски состав, поставувајќи го темелот на денешната Армија. Првиот регрут во Армијата беше велешанецот Панче Јамандиев во касарната во Охрид, информира  во своето обраќање честитајќи им го празникот командантот на КОД, бригадниот генерал Лулзим Нуредини.

Воедно потсети дека  во изминатиот период КОД изврши индивидуална обука со 450 новопримени професионални војници, курс за подофицери со 60 кандидати, различни применети форми на обука со 150 питомци, јазична обука и специјализирани курсеви со над 120 слушатели од eдиниците на Армијата, Конференција на центри за обука на Европа на која учествуваа над 100 претставници од 23 НАТО и партнерски земји,а изминатата недела и меѓународна компјутерски асистирана вежба „Seven stars 25“ која се реализираше во Центарот за симулации во велешката касарна. Потенцира дека Единиците на КОД учествуваа во поддршката на цивилните институции во справување со пожарите во зоната на одговорност.

Тој во следниот период најави  обука со 300 новопримени професионални војници,курс за подофицери за 120 кандидати,курс за офицери на службте со 60 кандидати и поддршка на меѓународната вежба „Immediate Response 25“ и многу други активности.

На свеченоста присуствуваше и заменик министерката  за одбрана Елфет Исмаили  и претставници од ГШ на Армијата меѓу кои и началникот на ГШ на Армијата генерал-мајорот Сашко Лафчиски, кој им го честита Денот на КОД од свечената бина посакувајќи им многу успеси во понатамошното извршување на функционалните задачи.

-Вашата професионалност и посветеност при извршување на задачите е подеднакво ценета како меѓу припадниците на армијата,така и меѓу нашите сојузници и партнери.Оваа година добивте високи оценки и признанија за организирање на неколку важни активности. Би ги издвоил Конференцијата на Европските центри за обука,која обедини 100 припадници од 24 различни армии.Конференцијата поддржана од 7 та Армиска Команда за обука од САД беше една од најголемите активности  од ваков вид досега организирани кај нас.Посебно се истакнавте со организација и поддршка на вежбата „Seven stars 25“ која се реализира минатата недела како и вежбата Maple Arc 24,реализирана минатата година потенцира генерал-мајорот Лафчиски.

Потсети и за улогата на Армискиот полигон Криволак кој е во ингеренции на Командата за обука и доктрини.

-За таа цел мора доследно да се следи и почитува Акцискиот план за развој на полигонот,навремено да ги идентификуваме  потребите кои ќе ги увидиме во текот на изведување на вежбите и активностите и интензивно да соработуваме со нашите партнери.Нашата цел е овој процес да се заокружи до 2028 година и Криволак да стане препознаен како Европски полигон за обука со капацитет и можности да акомодира Единици со јачина од бригада плус,најави генерал Лафчиски.

Посочи дека тест на тоа за Армискиот полигон Криволак ќе биде следната вежба „Response 25“ која ќе биде една од најголемите вежби досега организирана во земјава.

На свеченоста тој им додели на најдобрите приадници на КОД,  НАТО медалите за будност,како и плакети,благодарници и пофалници на наградените припадници на Армијата и надворешните соработници.

На свеченоста беа доделени и признанијата на најдобрите од  спортските игри што се одржаа во изминатите денови а беа наградени и најдобрите ученици од  распишаниот ликовен и литературен конкурс.За најдобра поема на тема „Храброста на војникот“ беше награден ученикот  Марко Станковски  од ООУ „Тодор Јанев“ од Чашка кој пред присутните ја прочита поемата

Во Командата за обука и доктруини во велешката касарна вчера имаше и Отворен ден на кој беше претставено оружјето со кое располага КОД, а  во посета беа и  ученици од ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ од Велес.

На денешната  свеченост беше положено и цвеќе на бистата на патронот Алексо Демниевски-Бауман. На свеченоста  со едноминутен молк на сите присутни  беше оддадена почит на сите жртви од трагичниот настан во Кочани  како и на сите загинати борци за слобода на Македонија.аа/

Фото: МО

 

 

Остани поврзан