• недела, 07 јуни 2026

Во Велес отворена изложбата „Избришан простор-тишина“ на Катарина Ѓорѓевиќ

Во Велес отворена изложбата „Избришан простор-тишина“ на Катарина Ѓорѓевиќ

Велес,16 мај 2025 (МИА) – Во организација на Народниот музеј од Велес синоќа во Ликовниот салон беше отворена ликовната изложбата „Избришан простор-тишина“ на Катарина Ѓорѓевиќ, академски ликовен уметник и професор на Ликовната Академија при Универзитетот во Ниш, Србија, на која се претставени 30 цртежи.

Ѓорѓевиќ за  првпат се претставува пред велешката ликовна публика и воедно ја промовира оваа своја најнова изложба со дела настанати во последните две – три години како еден нејзин  нов циклус. Сите цртежи се правени со акрилни маркери кои не се бришат, како  и со маслен  молив кој како материјал за работа, новите генерации и не го знаат.

Во разговорот за МИА, Ѓорѓевиќ потсетува дека маслениот молив  се користеше  пред  хемиските пенкала  и при пишувањето тој остава плав траг, но кога малку ќе се лизне и  навлажни тој траг не се брише исто како хемиското пенкало.

-Јас случајно во една книжарница наидов на маслени моливи заостанати од минатото и ги купив и ми беше интересно што кога со него ќе нацраш не може да се брише. Значи дирекно онака како што ќе нацртате, тоа мора и да остане, поправки нема. Сите цртежи претставени на изложбата правени се’ од почетокот до крајот како кога би пишувале, или како кога би ткаеле ќилим или везеле, од еден до друг крај со пратење, но без можност да се избрише. Но она што не ми се допаднало, јас можеби сум корегирала во вториот или третиот ред. Сите овие цртежи асоцираат на вода, небо, а некогаш тука се и тие небески тела сонце и месечина кои наговестуваат одредени расположенија и секогаш постои тој дијалог, потенцира  Ѓорѓевиќ.

Таа  за темата на изложбата појаснува дека кога ќе се најдеме пред некои многу големи феномени на Земјата, како што е морето и небото без разлика на сите нивни промени, струења,бранови, облаци ние имаме чувство на бесконечност, безграничност пред која сме сосема мали.

- Се прашуваме без оглед колку тој простор е исполнет со вода, односно воздух тој делува некако чисто, потполно тихо во таа своја состојба не мари за нас како човечки род и понатаму постои. Од друга страна за мене постои една фасцинантна работа, а тоа е континуираниот циклус на кружење од пареата, дождот, потоците, реките, морињата и океаните кој постојано кружи. Ние не можеме да забележиме колку е тоа старо. Тоа е старо од опстанокот на светот, а бележи и она што се случило сега или вчера, појаснува Ѓорѓевиќ.

Додава дека од таа основна идеја од тие природни феномени кај неа  поттикнала некоја потреба да го поврзе тоа со некоја метафора на животот, а што сите  ние го  правиме од нашиот почеток до крајот на животот.

-И ние течеме како таа река, течеме како поток, правиме некои избори во животот, но не можеме да се вратиме назад. Но секој избор кој сме го одбрале не условува да правиме и некои други чекори. Ако сме направиле нешто лошо ние не можеме да се вратиме во минатото и тоа да го измениме, но затоа можеме во нашите идни постапки секогаш да се обидеме тоа лошо да го отстраниме и да го претвориме во нешто добро. Со тоа ја постигнуваме таа наша внатрешна тишина и мир и состојба во која можеме да ги согледуваме, воочуваме само најдобрите позитивни работи  и себеси да се развиваме како личности, појаснува авторката Ѓорѓевиќ.

Таа информира дека оваа изложба, но не во ваков состав на дела била поставена во Ниш, а сега во Велес е дополнета и претставена и со нови цртежи. Воедно планира да ја изложи и во Скопје, Кичево  во  други градови.

-Јас секогаш кога правам изложба сакам да имам еден нов концепт кој се прилагодува на местото и просторот каде изложувам. Затоа многу од овие цртежи претставени тука во Велес за првпат се на светлост надвор од моето атеље. Добро е за уметникот, неговата изложба да прошета низ повеќе места, бидејќи тоа е секогаш поинакво доживување, бидејќи публиката е нова. Тоа се други луѓе, секој на некој друг начин ја перципира, не е тоа не е како една иста плоча па ја слушате, не’ оваа е сосеме една нова ствар, потенцира Ѓорѓевиќ.

Таа за првпат излага и за првпат е во Велес и најавува дека повторно ќе дојде. За време на престојот во Велес го посетила езерото „Младост“, Спомен костурницата од НОВ  и Спомен куќата на Кочо Рацин.

Во неа се присетила дека како ученичка ја учела Рациновата песна „Тутуноберачите“ и се присетила од читанката на насловната страна  на стихозбирката „Бели Мугри“, поради што  посетата на поетовата  куќа ја доживеала многу емотивно. ад/дма/

Фото: МИА