• среда, 25 декември 2024

Во Бугарија протест против НАТО, се бара смена на владата

Во Бугарија протест против НАТО, се бара смена на владата

Софија, 21 септември 2023 (МИА) – Бугарската полиција денеска се судри со приврзаниците на ултранационалистичката партија Обнова (Вазражадане) кои протестираа против политиката на прозападната влада барајќи оставка од кабинетот и затворање на воените бази на НАТО во земјата.

Како што јавија некои медиуми, стотици проруски демонстранти кои се против поддршката на Бугарија за Украина во нејзината војна против Русија се собраа пред зградата на парламентот веејќи бугарски и руски знамиња, свирејќи и повикувајќи на предвремени избори во земјата во која имаше пет во последните две години.

Многумина извикуваа „оставка“, а полицајците ги заштитија владините згради, вклучително и Министерството за одбрана, кон кое некои демонстранти фрлаа со јајца. Бугарија, која испраќа оружје во Украина, минатата недела ја укина забраната за увоз на жито од Украина.

Некои демонстранти носеа транспаренти на кои пишуваше „Американските бази надвор! Бугарија е зона на мирот“, мислејќи на отворањето на новата воена база на НАТО во земјата.

Демонстрантите го завршија собирот пред споменикот на советската армија, во судир со полицајците кои од безбедносни причини се обидоа да ги спречат да му се приближат бидејќи тој е под скеле откако владата одлучи да го отстрани споменикот.

Бугарија денеска протера еден руски и двајца белоруски државјани и им забрани влез во земјата во следните пет години по налог на Државната агенција за национална безбедност, јавија локалните медиуми. јт/

Фото: Фејсбук профил на партијата

Остани поврзан