• четврток, 20 февруари 2025

Во битолскиот Музеј отворена изложба  на предисториски предмети „Првите кралеви на Европа“

Во битолскиот Музеј отворена изложба  на предисториски предмети „Првите кралеви на Европа“

Битола, 17 февруари 2025 (МИА) - Предисториски предмети од македонската археологија кои во периодот од 2022 до 2024 година, за прв пат беа изложени во САД и Канада, денеска се поставени во изложбениот салон на НУ Завод и Музеј-Битола.

Предметите се дел од изложбата „Првите кралеви на Европа“, три години беа на северно-американско тло, во три големи музеи во Чикаго и Отава, истакна д-р Гоце Наумов, национален координатор на изложбата.

-Изложбата ја посетија и погледнаа над 400 илјади посетители. Тригодишната турнеја заврши и предметите се враќаат во Македонија, а од утре ќе бидат во своите музеи во Битола, Прилеп и Гевгелија. Во рамки на изложбата беа претставени предмети од историските локалитети Шуплевец, Врбјанска Чука и Милци со импресивна култура по својот изглед но и со големо значење за промените кои се случуваа во неолитот во Македонија и на Балканот, укажувајќи на актуелностите од тоа време. Целта на изложбата беше да се укаже на битната улога на Балканот во праисторијата од неолитот до железното време и како промените придонесоа да се појават првите кралства во Европа и токму на Балканот, истакна Наумов.

Изложба е од огромно значење на Македонија и македонското културно наследство бидејќи претставува прво изложување на археолошки артефакти во САД и Канада, и тоа има голем ефект кај американската и канадската популација која опширно се запозна со Македонија и тоа што е откриено од праисторијата, посочија организторите на изложбата.

-Ги поддржуваме овие проекти и изложби. Оваа меѓународна изложба беше отворена во Филдовиот музеј во Чикаго, а потоа и во Историскиот музеј во Отава. Управата за заштита на културното наследство секогаш ќе биде партнер за промоција на овие изложби затоа што овие предмети се презентација на богатото културно наследство од Република Македонија, рече меѓудругото, Весела Честоева, директорка на Управата за заштита на културното наследство.

На свеченото отворање во улога на домаќин, директорот на НУ Завод и Музеј-Битола, Зоран Николовски истакна дека за нивната установа, изложбата претставува привилегија и престиж да се организира настан посветен на „Првите кралеви на Европа“, прв по враќањето на изложбата во земјава. мт/сст/

Фото: МИА

Остани поврзан