• сабота, 13 декември 2025

Во Битола 651 првоодделенец – 100 помалку од лани

Во Битола 651 првоодделенец – 100 помалку од лани

Битола, 1 септември 2025 (МИА) - Основните општински училишта го одржаа првиот час за првоодделенците од Битола во чии клупи се 651 девојче и момче.

Годинава битолските училишта се попразни за 100 деца, потврдија од Општина Битола, институција која во соработка со партнерски организации, во градскиот парк за првоодделенците приреди посебна манифестација на која се обрати градоначалникот Тони Коњановски.

-Драги првоооделенци, во училишните клупи ќе научите да читате и пишувате. Ве охрабрувам секогаш да бидете љубопитни, да прашувате...бидејќи знаењето е клучот кој ви ги отвора вратите. Ви посакувам успех, среќа и безгрижни училишни денови, посочи градоначалникот Коњановски, кој претпладнево го посети и основното училиште во селото Бистрица каде се во тек нови инвестиции.

Во Битола првиот училишен час беше интересен и возбудлив и за средношколците од прва година, односно за 929 девојки и момчиња, колку што се запишаа во средните училишта во градот.

За прв пат во оваа учебна година, во средното музичко училиште стартуваше и нова насока, традиционален играч-пејач со фокус на македонскиот фолклор, во која ќе се едуцира единствениот ваков профил во регионот. мт/сст/


Фото: МИА

 

Остани поврзан