• недела, 17 ноември 2024

Во Битола се одржа настан од кампањата „Сложувалка“

Во Битола се одржа настан од кампањата „Сложувалка“

Скопје, 5 декември 2023 (МИА) - Во Битола вечерва се одржа уште еден настан од кампањата „Сложувалка“ во организација на Министерството за труд и социјална политика, канцеларијата на УНФПА во земјава со поддршката на Британската амбасада.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска нагласила дека 365 денови треба да се зборува за насилството.

-365 денови треба да се зборува за насилството, додека нашата „Сложувалка“ зборува овие 16 денови интензивно за сите видови на насилство со кои се соочува особено младата генерација. Нашата кампања е токму посветена на заедничкото постапување на сите учесници во превенцијата од насилството, рече Тренчевска, информираат од МТСП.

Министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска зборувала за влијанието за говорот на омраза на социјалните медиуми особено врз жените.

-Семејното насилство не е семејна драма, насилството не е жанр. Тоа е аларм, тоа е повик на гласност. Жената која бара помош не го растура семејството. Напротив. Таа е жртвата. За жал, и новите технологии, и интернетот, социјалните мрежи...стануваат алатка за дигитално насилство врз младите и врз жените. Ова насилство преку тастатура, кое најнапред беше дефинирано како вознемирување, добива широки размери и станува светски проблем искачувајќи се високо на скалилото на насилство со тешки и трајни последици. Затоа и овој вид на насилство мора да се пријавува, рече Костадиновска Стојчевска.

Директорка на манифестацијата „Охридско лето“, Наташа Поповиќ рече дека дискриминацијата во сите нејзини форми е присутна и кај жените во културата. Потенцираше дека има дискриминација според полот, расата, националната припадност, сексуалната ориентација. Таа ја објаснила и нејзината ситуација како директорка на „Охридско лето“.

-На почетокот од мојата директорска позиција сум ила сведок на разговори во кои се изразува недоверба во моето раководење. Значи осудена и дискриминирана однапред, дека нема да бидам способна да раководам со установа од ваков вид. Недоверба и недолично однесување ми било изразено и за време на концертите на класичната музика, тоа некогаш по одржувањето на културниот настан завршувало со лично признание и извинување од сторителите, рече Поповиќ.

Претставничката на УНФПА, Јованка Брајовиќ Григоријевиќ зборувала за соработката на агенцијата со Министерството за труд и социјална политика.

-Изминатите неколку години во партнерство со Британската амбасада и МТСП креиравме модел на соработка, кој овозможува да ги согледаме заедничките достигнувања и да ја исцртаме патеката на идните цели. Ова партнерство подеднакво ги вклучува, МВР, здравство, правда, образование и граѓанските организации, академија и приватниот сектор. Секој има своја улога и одговорност и истата треба да ја понесе, рече Брајовиќ Григоријевиќ.фф/аа/

Фото: МТСП/Министерство за култура

 

Остани поврзан