• вторник, 05 ноември 2024

Во беровско Русиново заврши дводневната манифестација Илинденски Видувања Вршник 2023

Во беровско Русиново заврши дводневната манифестација Илинденски Видувања Вршник 2023

Берово, 3 август 2023 (МИА) - Во беровско Русиново заврши дводневната манифестација Илинденски Видувања Вршник 2023. Во рамки на настанот кој се возобновува по пауза од неколку години се приготвуваше традиционална храна подготвена под вршник, а во вечерните часови беше подготвена богата музичка програма со главните ѕвезди на вечерта, групата Некст Тајм.

-Сакаме да возобновиме една стара традиција која последен пат ако не се лажам се одржа далечната 2009 година. Домаќинките имаа подготвено разни производи под вршник како зелник, попарник  баница, тавче гравче, грав во грне и други производи. Сите тие се продаваа, а средствата ќе се наменат за наши сограѓани, истакна учесничка во настанот.

Во рамки на Илинденските Видувања беше одржана и изложба на стари оружја карактеристични за револуционерниот период.

-Со овие оружја комитите се бореле за ослободување на Македонија. Дел од пушките, револверите, камата и другите оружја потекнуваат од Разловечкото и Кресненското Востание. Целта е да покажеме дека народот од дамнина сакал слобода, борејки се со секое едно оружје кое го имал на располагање, додаде жител на Русиново.

Во знак на благодарност до Верица Белчовска, која го изгуби животот во сообраќајна несреќа, а ги донираше своите органи, нејзиното семејство доби благодарница од момчето кое ги прими нејзините органи кој заблагодарувајки се рече дека срцето на Верица продолжува да живее во него.

Генерален покровител на настанот беа локални помагатели и стопанственикот Благој Механџиски Зегин кој на крај на настанот пеејко ја химната на Малешевијата ,,Блажена горо зелена" упати порака за  сплотеност повикувајки се на паролата ,,Малешевци и Русинци за Илинден каде и да сте, дома да сте". вс/сст/

фото МИА

Остани поврзан