• недела, 22 декември 2024

Во Белград одржан шестиот протест „Србија против насилството“ со најава за радикализација на следниот

Во Белград одржан шестиот протест „Србија против насилството“ со најава за радикализација на следниот

Белград, 9 јуни 2023 (МИА) – Во Белград се одржа шестиот масовен протест „Србија против насилството“ со учество како и минатите недели на десетици илјади граѓани, со фокус на протестот на образованието, јави дописникот на МИА од Белград.

Протестот се одвива во мирна атмосфера, во форма на протестна прошетка од Народното собрание по централните улици со правење на прстен и блокада овојпат околу Владата. Граѓаните на чело на колоната го носеа транспарентот „Србија против насилството“, „Студентите против насилството“ и картонски фигури со ликовите на претседателот Александар Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ, Драган Вучиќевиќ од Информер, Оливера Зекиќ од РЕМ и Жељко Митровиќ од Пинк-во затворски одела.

По поддршката што ја дадоа бројни познати актери и личности, денес покрај повеќе говорници меѓу кои беше и актерката Сека Сабљиќ, говореше и професорот на Правниот факултет, Миодраг Јовановиќ, кој во име на околу 1000 членови на академската заедница потписници на нивниот Проглас против насилството кажа:

- Даваме целосна поддршка на барањата на академските протести. Цела деценија нема слобода на медиумите, јавниот простор е загаден со насилство од националните фреквенции. Како највисока доблест се издвојуваат лојалноста и покорноста кон властите. На крикот на граѓаните дека Србија повеќе не треба да биде таква земја, власта одговори со малтретирање и навреди што ги шират народните пратеници, нагласи Јовановиќ.

На почеток на протестната прошетка, актерот Хаџи Ненад Маричиќ во име на организаторите најави дека „доколку до крајот на идната недела не бидат исполнети нивните барања, протестите ќе добијат нов облик, од бината ќе се тргне во нови акции“.

Барањата на протестот се: смена на Советот на РЕМ (Регулаторно тело за електронски медиуми), затворање на печатени медиуми и таблоиди кои објавуваат лажни вести, невистини и континуирано го кршат новинарскиот код, одземање на националните фреквенции од телевизиите кои ги залудуваат граѓаните, трујат и промовираат насилство, како што се Пинк и ТВ Хепи, оставка на министерот на полицијата Братислав Гашиќ и шефот на безбедносната агенција Александар Вулин, итно укинување на програмите кои промовираат насилство, неморал и агресија на телевизиите со национална фреквенција, како што се реалните шоуа.

Проевропската опозиција само технички ги организира овие граѓански протести кои започнаа по масовните убиства во белградското училиште „Владислав Рибникар“ и селата Дубона и Мало Орашје во општините Младеновац и Смедерево, додека десничарската опозиција ги поддржува и учествува на нив.

Претседателот Александар Вучиќ во обраќањето до јавноста со премиерката Ана Брнабиќ во среда изјави дека „ќе продолжи да ги чека некои луѓе да разговараат со него“, додавајќи дека „тие се надеваат на некои други работи кои никогаш нема да се случат, дека власта ќе биде преземена на улица“, најавувајќи можност за вонредни парламентарни избори, како излез од кризата. об/

Фото: Твитер

Остани поврзан