Во Белгија уапсени четири лица осомничени за планирање терористички напад
- Белгиската полиција утрово изврши претреси на локации во четири градови во Белгија и уапси четири лица, од кои тројца малолетници, осомничени за поврзаност со исламистички екстремистички организации и за планирање терористички напад. Како што јави белгиската државна телевизија РТБФ, при претресите, извршени на локации во градовите Брисел, Нинове, Шарлроа и Лиеж, не се пронајдени оружје или експлозив.
Брисел, 3 март 2024 (МИА) – Белгиската полиција утрово изврши претреси на локации во четири градови во Белгија и уапси четири лица, од кои тројца малолетници, осомничени за поврзаност со исламистички екстремистички организации и за планирање терористички напад.
Како што јави белгиската државна телевизија РТБФ, при претресите, извршени на локации во градовите Брисел, Нинове, Шарлроа и Лиеж, не се пронајдени оружје или експлозив.
Телевизијата посочува дека „антитерористичката операција“ е спроведена врз основа на истрага со која биле опфатени лица кои се сметаат за „потенцијално насилни“ и кои се поврзани со екстремистички групи.
Портпаролот на белгиското Федерално јавно обвинителство, Ерик Ван Дер Сипт во изјава за интернет изданието ХЛН нагласи дека истрагата покажала оти приведените планирале да извршат терористички напад.
- Плановите се уште не се многу конкретни, но сепак се доволно сериозни за да ги уапсиме и сослушаме, додаде Ван Дер Сипт.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во тек е сослушување на приведените од страна на полицијата, по што истражен судија во текот на денот или најдоцна утре ќе донесе одлука за евентуална понатамошна постапка против нив.
Инаку, тројцата уапсени малолетници се од градовите Нинове, Брисел и Шарлроа, додека возрасната личност е од Лиеж.
При вооружен напад од страна на туниски имигрант во Брисел лани во октомври беа убиени двајца шведски фудбалски навивачи.
Белгиските безбедносни служби се под зголемено ниво на внимателност по терористичките напади на бриселскиот меѓународен аеродром Завентем и на метро страница Мaлбек во центарот на Брисел во 2016 година, при што загинаа 32 лица. сп/
Фото: МИА Архива