• недела, 22 декември 2024

Во Белгија полемика за носење шамија во администрацијата

Во Белгија полемика за носење шамија во администрацијата
Брисел, 3 јуни 2021 (МИА) - Назначувањето на жена која носи исламска шамија предизвика бура од реакции во белгиската јавност и во владините коалиции во земјата, а премиерот Александер де Кро застана во одбрана на жената, јави дописничката на МИА од Брисел. Исан Хауаш пред неколку дена беше назначена како комесарка на владата во Институтот за еднаквост помеѓу жените и мажите. Хауаш дипломира во најпрестижната бизнис школа во Белгија и има долго искуство во повеќе клучни јавни и приватни претпријатија. Но десничарските партии се спротивставуваат на нејзината номинација затоа што таа носи исламска шамија, некои бараат нејзино разрешување и сметаат дека тоа и штети на „секуларноста“ на државата. Темата денеска стаса и до Парламентот каде премиерот на Белгија, Александер Де Кро, одговараше на пратенички прашања. Десницата и екстремната десница порачаа дека е загрозена државната „неутралност“, но премиерот останува на ставот дека назначувањето на Хауаш е оправдано. Премиерот информираше дека се одржа затворен состанок со партиите од владината коалиција и дека назначувањето на Хауаш не поставува проблем. -Ставот на Владата е дека ова лице ја има и експертизата и искуството за да ја работи оваа функција, рече Де Кро и додаде дека нејзиното работно искуство е екстремно солидно, што е единствено важно за функцијата. тм/ми/  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан