• четврток, 21 ноември 2024

Во Атина денес ќе биде запален олимпискиот оган за Специјалната Олимпијада во Берлин

Во Атина денес ќе биде запален олимпискиот оган за Специјалната Олимпијада во Берлин

Атина, 7 јуни 2023 (МИА) – На свечена манифестација во Атина, денес ќе биде запален олимпискиот оган, односно „Огнот на надежта“ за 16-тa Специјалната Олимпијада што од 17 до 25 јуни ќе се одржи во Берлин, а на која ќе учествуваат и атлети од Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.

 

На церемонијата во Атина, каде што традиционално ќе биде запален олимпискиот оган ќе присуствува грчката претседателка Катерина Сакеларопулу.

 

Олимпискиот оган ќе замине за Берлин за свеченото отворање на Специјалната Олимпијада.

 

Светските игри на Специјалната Олимпијада Берлин 2023 се под мотото „Непобедливи заедно“, за првпат се одржуваат во Германија, ќе учествуваат 7.000 атлети со интелектуална попреченост, кои ќе се натпреваруваат во 26 спорта, а меѓу учесниците се и репрезентативци од нашата земја.

Од Специјалната Олимпијада Северна Македонија, преку официјалниот Фејсбук профил ги претставија нашите атлети, за кои истакнаа дека неуморно се подготвуваат за претстојните Светски Специјални Олимписки игри и се подготвени да донесат медали.

 

-Се подготвуваме за да освоиме медали, но и да ги освоиме срцата на сите поттикнувајќи ширење на свеста за поинклузивно општество. Заедно, да ги прославиме уникатните способности и достигнувања на нашите исклучителни атлети, напишаа од Специјалната Олимпијада Северна Македонија.

На Летните олимписки игри на Специјална Олимпијада во Абу Даби во 2019 година, нашите атлети освоија три златни медали во пливање, еден на 25 и два на 50 метри, еден сребрен медал на 50 метри атлетика и три бронзени медали во атлетика на 25, 50 и 100 метри. ср/зс/

Остани поврзан