• сабота, 09 ноември 2024

Во Албанија отворени се двата центри за мигранти од Италија

Во Албанија отворени се двата центри за мигранти од Италија

Тирана, 12 октомври 2024 (МИА) – Во реонот на Лежа, Албанија отворени се два центра за мигранти од Италија, врз основа на договорот потпишан на 6 ноември минатата година помеѓу двете земји за регулирање на илегалната миграција во Европска Унија. Предвидено е првите мигранти во Албанија да пристигнат деновиве.

Според договорот меѓу Рим и Тирана, илегалните мигранти кои пристигнуваат во Италија ќе бидат транспортирани со брод до пристаништето Шенѓин, каде ќе им се утврдува идентитетот и ќе им се прави првиот здравствен преглед, по што ќе бидат префрлени во блискиот град Ѓадр, поранешна воена база, каде што ќе бидат сместени и ќе го чекаат одговорот на барањето за азил.

Ова е прв пример на земја која не е членка на ЕУ да прима мигранти во име на земја-членка на Унијата.

Овој пример беше поттик од Албанија да го побара истото и од Велика Британија, по неуспешниот план за депортација во Руанда, но Рама го отфрли барањето велејќи дека тоа е „ексклузивно само за Италија“.

Центрите се финансирани од Италија, а во нив же бидат сместени луѓето спасени од италијанските бродови во Средоземно Море, а не и тие кои пристигнале на италијанска територија.

Албанија, една од најсиромашните европски земји, исто така е кандидат за членство во ЕУ. Во центрите можат да престојуваат до 3.000 мигранти месечно или 36.000 годишно.

Договорот е со петгодишна важност, со можност за продолжување. Изградбата на центрите, сите потребни придружни простории, се изградени со средства на италијанската Влада. Таа ќе ги сноси и трошоците за престој на мигрантите а и обезбедувањето и персоналот ќе пристигнат од Италија, која сето ова, за пет години, ќе ја чини најмалку 670 милиони евра.

Првично беше најавено центрите да профункционираат во мај, па во август и септември, но поради доцнење на работите во Ѓадр тоа не беше реализирано.

Инаку, на италијанските брегови во 2023 година пристигнале повеќе од 145.000 мигранти, наспроти околу 88.000 во 2022 година. вт/ми/

Остани поврзан