• сабота, 21 декември 2024

Вонреден виртуелен самит на земјите од АПЕК за справување со делта сојот на Ковид-19

Вонреден виртуелен самит на земјите од АПЕК за справување со делта сојот на Ковид-19
Вашингтон, 16 јули 2021 (МИА) - Лидерите на земјите од Организацијата за азиско-пацифичка економска соработка (АПЕК) денеска одржаа виртуелен самит посветен на снабдувањето со вакцини против Ковид-19 за борба против глобалната пандемија. На самитот, меѓудругите, учествуваа и американскиот претседател Џо Бајден, рускиот лидер Владимир Путин и претседателот на Кина, Си Џинпинг. Во заедничкото соопштение по виртуелната средба, која беше под модераторство на Нов Зеланд, лидерите на најголемите земји во азиско-тихоокеанскиот регион изјавија дека поддржуваат доброволно предавање на технологија за производство на вакцини „на заемно согласни услови“. Ова е со цел да се спречи ширењето на новата делта мутација на вирусот во повеќе земји од регионот. - Пандемијата продолжува да влијае уништувачки врз населението и економијата на нашиот регион. Ние можеме да ја надминиме оваа вонредна ситуација во областа на здравството само со засилување на праведен пристап до безбедни, ефективни, квалитетни и достапни вакцини против Ковид-19, се вели во заедничката изјава. Изјавата доаѓа и покрај тоа што меѓу некои членки на АПЕК постојат тензии поради потеклото на првичната епидемија на коронавирусот, трговски прашања, репресиите на населението во Синцзјан и Хонгконг, како и територијални спорови во Јужното Кинеско Море. Висок претставник на администрацијата на Бајден изјави дека претседателот планира да го искористи форумот за демонстрација на својата подготвеност за слободен и отворен индо-пацифички регион. кб/

Остани поврзан