• среда, 13 ноември 2024

Воздухот во Куманово вчера загаден, покажаа податоците на мерните станици

Воздухот во Куманово вчера загаден, покажаа податоците на мерните станици
Куманово, 5 јануари 2022 (МИА) - Воздухот во Куманово вчера беше загаден, покажаа податоците на мерната станица на Министерството за животна средина и просторно планирање и податоците на шесте мерни станици кои Општината ги набави и постави на шест локации во градот. Речиси во сите реони во Куманово концентрациите на штетните честички го надминуваа дозволениот праг.
Кумановци можат да го следат квалитетот на амбиенталниот воздух на шест различни локации во централното градско подрачје и во населбите. Станиците се поставени во училиштето „Наце Буѓони“, Домот за стари лица „Зафир Сајто“, во Занаетчискиот дом, во ОУ „Кочо Рацин“, кај противпожарната станица и во ОУ „Магдалена Антова“. Станиците го мерат квалитетот на воздухот, а податоците ќе се ажурираат на дневна база на општинската веб-страница.
Куманово склучи договор со приватна компанија за набавка на систем за мерење на аерозагадување, во ноември годинава. За набавката на системот, Општината од буџетот одвои 659.200 денари без данок на додадена вредност со избрана компанија од Скопје на претходно објавена јавна набавка.
Во градот има една високопрофесионална мерна станица поставена пред повеќе од десет години во дворот на Општата болница Куманово.
Изминативе години Куманово пред пандемијата донесе сет мерки за намалување на аерозагадувањето, меѓу нив клучна, гасификацијата на повеќе установи. Еден од најголемите загадувачи, бидејќи се затоплува на мазут е кумановската Општа болница. Претходниот месец беше извршено пробно пуштање на гас во установата кое помина успешно. ам/мд/

Остани поврзан