Седница на собраниската Комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите
- Во Собранието денеска седница ќе одржи Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите.
Скопје, 25 февруари 2026 (МИА) - Во Собранието денеска седница ќе одржи Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите.
На дневен ред на Комисијата е Годишниот извештај за работата на Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите во 2025 година.
Во извештајот се посочува дека Комисијата во извештајниот период за 2025 година одржала четири седници. Се нагласува дека во текот на 2025 година, Комисијата не извршила надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите што се спроведуваат од овластените органи, ниту надзор над операторите и Оперативно-техничката агенција ОТА.
Како што се вели во Извештајот, поради персоналните промени коишто настанале со Одлуката за изменување на одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 118/25), составот на Комисијата е некомплетен, односно наместо 4 членови и 4 заменици-членови брои 3 членови и 3 заменици – членови.
-Комисијата сѐ уште нема ангажирано технички експерти за постојана поддршка. Имено, Комисијата не беше во можност да изврши избор на технички експерти со оглед на тоа што на Јавниот повик за ангажирање на двајца технички експерти за постојана поддршка на Комисијата број 19/6065-1 од 12 декември 2024 година, се пријави само еден кандидат којшто не ги исполнуваше потребните услови за избор. Со оглед на надлежностите на Комисијата, природата, комплексноста и суптилноста на материјата како предмет на работа на Комисијата, како и можноста за работа со класифицирани информации, податоци и сознанија кои можат да ги добијат претседателот и членовите на Комисијата при комуникацијата и соработката со надлежните органи, се применуваат одредбите од Законот за класифицирани информации („Службен весник на Република Северна Македонија” број 275/19), Деловникот на Собранието („Службен весник на Република Северна Македонија” број 248/23) и Деловникот за работа на Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите бр.19-5967/2 од 12 декември 2024 година, како и мерките од Уредбите за физичка, административна, индустриска и информатичка безбедност на класифицираните информации во зависност од степенот на класификација - се посочува во извештајот.
Во насока на подобрување и зајакнување на парламентарниот и независен надзор, како што се потенцира во извештајот, целиот состав на Комисијата, како и собраниските службеници за поддршка на работата на Комисијата, активно се вклучени во активностите од Програмата за реформа на разузнавачко-безбедносниот сектор 2021-2026 година кои се организираат од страна на Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор (ДЦАФ) врз основа на Меморандумот за соработка склучен со Собранието на Република Северна Македонија. фф/лв/
Фото: МИА Архива