• сабота, 17 јануари 2026

Водици во Прилеп

Водици во Прилеп

Прилеп, 16 јануари 2026 (МИА) - Околу 100  верници од Прилеп ќе учествуваат на традиционалното, централно, фрлање на светиот крст во осветените води на Аква базенот во прилепскиот хотел „Салида“ што ќе се одржи в понеделник напладне, на Богојавление - Водици. Од сите учесници кои се пријавија во изминатите три дена, едно е женско.

Инаку, над 500 верници на 20 локации во општина Прилеп ќе се фрлат по Светиот крст за Водици. Покрај централниот настан, Светиот крст ќе биде положен и во водите на реките и базените во уште 19 населени места на територијата на Општина Прилеп: Селце, Витолиште, Бешиште, Полчиште, Ново Лагово, Загорани, Кадино Село, Мало Коњари, Големо Коњари, Беровци, Клепач, Ерековци, Галичани, Чепигово, Подмол, Алинци, Тополчани, Плетвар и Штавица.

Утрото, на Водици, во прилепската црква „Св. Благовештение“, по традиционалното пуштање на гулабите во 6:30 часот и по свечената божествена литургија, симболично ќе се одржи и фрлањето на Светиот крст во фонтаната (базенчето) во дворот на Црквата, околу  9:30 часот. Овој чин е наменет за дечиња, не постари од 13 години, кои ќе го вадат Светиот крст од осветените води.

Градоначалникот на Прилеп Дејан Проданоски, претседателката на Советот и делегации составени од членовите на Советот ќе бидат присутни на сите 20 места.

- Локалната самоуправа има обезбедено пригодни подароци за сите учесници, а исто така и компаниите „Зегин“ и „Евротип“ ќе обезбедат пригодни подароци за оние што први ќе го извадат Светиот крст од осветените води во Прилеп, информираат од прилепската локална самоуправа.ем/вј/

Фото: МИА

 

 

 

 

 

Остани поврзан