Властите во Бурса воведуваат режим на вода поради сушењето и намалувањето на нивото на браните низ градот
- Управата за водоснабдување и канализација на Бурса објави дека воведува фазен режим на вода во различни делови на Бурса во текот на следните десет дена поради ниските нивоа на браните низ градот, објавија турските медиуми.
Анкара, 1 октомври 2025 (МИА) - Управата за водоснабдување и канализација на Бурса (БУСКИ) објави дека воведува фазен режим на вода во различни делови на Бурса во текот на следните десет дена поради ниските нивоа на браните низ градот, објавија турските медиуми.
Според локалните власти, нивото на водата во браните што го снабдуваат градот со три милиони жители драматично се намали на крајот од летото, при што браната Доганџи, која има волумен од 43 милиони кубни метри, моментално е полна со 6,8 проценти, а браната Нилуфер, која има волумен од 60 милиони кубни метри, е целосно сува. Во меѓувреме, нивото на браната Чинарџик, која има капацитет од 75 милиони кубни метри и од септември прима дополнителни 110.000 кубни метри вода дневно, исто така достигна критично ниско ниво од 3,34 проценти од својот полн капацитет.
БУСКИ објави дека водата ќе биде прекината во фази во различни делови од градот на одредени датуми помеѓу 1 и 10 октомври, при што прекините ќе траат 12 часа и ќе го опфаќаат временскиот опсег од 17:00 до 5:00 часот наутро.
-Доколку нема дожд и нема планирани прекини во водоснабдувањето, браните ќе бидат испразнети до 6 октомври, рече градоначалникот на Бурса, Мустафа Бозбеј. „Не знаеме што ќе се случи во октомври и ноември. Мора да најдеме решение со разгледување на секоја можност“, додаде Бозбеј. мс/
фото: Принтскрин