• понеделник, 23 декември 2024

Владина делегација предводена од Битиќи на конференција на „Економист“ за Западен Балкан во Приштина

Владина делегација предводена од Битиќи на конференција на „Економист“ за Западен Балкан во Приштина
Приштина, 25 октомври 2022 (МИА) - Владина делегација, предводена од вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, во чиј состав се и министрите за економија и за информатичко општество, Крешник Бектеши и Адмирим Алити и заменик министерот за финансии Филип Николовски, денеска учествува на конференцијата на „Економист“ во Приштина насловена „Самит на земјите од Западен Балкан 2022, градење мостови за мир, напредок и солидарност“. Како што јави дописникот на МИА од Приштина, конференцијата ја отвори косовскиот премиер, Албин Курти, додека панел-дискусијата на која ќе учествува вицепремиерот Битиќи, на тема „Раст и развој на Западен Балкан“, ќе започне во 12 часот. Сесијата на која ќе се обрати министерот Бектеши, насловена „Отворање на патот на зелената транзиција“, ќе започне во 15,50 часот, а онаа на Алити, посветена на технолошките иновации во Западен Балкан, е закажана за 17.50 часот. Заменик министерот за финансии Николовски ќе има свое обраќање на панелот на тема „Инвестирање во Западен Балкан за модел на опстоен раст“. Говорници во панелот ќе бидат и косовскиот министер за финансии Хекуран Мурати, регионалниот директор на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за Западен Балкан, Матео Колангели, а онлајн ќе се вклучат потпретседателката на Европската инвестициска банка (ЕИБ), Лилијана Павлова и регионална директорка на Светската банка за Западен Балкан Ксијакониг Ју. - Самитот се одржува во клучно време за регионот поради војната во Украина, променетата безбедносна и енергетска архитектура во Европа, но и последните придвижувања во евроинтеграцискиот процес на земјите од Западен Балкан. На Самитот ќе се развие дијалог и ќе се споделат мислења за справување со предизвиците од актуелната енергетска и ценовна криза, најави Министерството за финансии. Покрај неколкуте претставници на Владата на Косово, меѓу кои и вицепремиерот задолжен за европски интеграции Бесник Битиќи и шефица на косовската дипломатија Доника Грвала, на конференцијата ќе учествуваат и над дваесет домашни и странски експерти и раководители на организации и институции од областа на безбедноста, економијата, финансиите,  технологијата, животната средина, претставници на бизнис заедницата и дипломатскиот кор, меѓу кои и шефот на канцеларијата на ЕУ во Приштина, Томаш Суниог, поранешен американски помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања, Вес Мичел, екс-претседателот на Европскиот парламент и актуелен прв човек на Фондацијата „Фридрих Еберт“, Мартин Шулц, претседателот на Социјалистичка интернационала и поранешен грчки премиер Јоргос Папандреу. Еднодневната конференција на „Економист“ се одржува во приштинскиот хотел „Емералд“. Домаќин на ланскиот самит на „Економист“ кој е значаен настан во регионот беше Северна Македонија. иа/лв/

Остани поврзан