• среда, 25 декември 2024

Владимир Дико: Го избрав романот „Покрај езерото“ на Стерјо Спасе, од Мала Преспа, каде живеат само Македонци

Владимир Дико: Го избрав романот „Покрај езерото“ на Стерјо Спасе, од Мала Преспа, каде живеат само Македонци

Дебар, 3 јануари 2023 (МИА) - Македонскиот весник „Македониум“, пренесува напис на Владимир Дико, посветен на Стерјо Спасе, еден од најпознатите албански писатели со македонско потекло.

-Го избрав Стерјо Спасе со романот „Покрај езерото“. Се работи за големото Преспанско Езеро, во областа Мала Преспа каде има девет македонски села во кои живеат само Македонци, вака Дико го почнува написот посветен на Спасе.

Наведува дека Стерјо Спасе е роден во село Глобочени, општина Пустец, во Мала Преспа, Албанија и додава дека селото на Дико, Ракицка, било единственото соседно албанско село со нив.

-Имавме големо пријателство со нив, го зацврсти Народно-ослободителната борба и годините на социјализмот. Тие почнуваат со селата Церје, Зрноско, Леска, Пустец, Шулин, Глобочени, Горна Горица, Долна Горица и Туминец. Имавме размена на култура, образование, фолклор, леб и сол и отворени врати на пријателство и братство, оценува тој.

За него, како што појаснува, Стерјо Спасе е еден од најомилените писатели.

-Иако е Македонец, неговото дело е напишано на многу чист, префинет албански јазик. Голем интернационалистички писател. Романот „Покрај езерото“ зборува за годините 1947-1949. Тогаш во сите овие села биле основани земјоделски задруги и 4-годишни и 7-годишни училишта. Романот „Покрај езерото“ верно ги отсликува тие години полни со импулс и жртви за градење на новиот социјалистички живот, без бегови и аги. Романот „Покрај езерото“ ми ги враќа годините од детството. Во 7-годишното училиште учевме заедно, пишува Владимир Дико.

Стерјо Спасе, роден е во село Глобочени, Мала Преспа во 1914 а починал во Тирана, 1989 годна. Тој е и еден од основоположниците и најзначајните претставници на современата албанска литература. Познат е и како антологичар, преведувач, учебникар и собирач на македонски народни умотворби во Мала Преспа.

Покрај во Албанија, се школувал на Универзитетот Флоренца во Италија, додека магистрирал во тогашниот СССР. Автор е на петнаесеттина романи и многу раскази. Негово најпознато книжевно дело е романот „Од живот за живот – зошто?",кој е напишан во вид на дневник и се фокусира на една трагична дилема на млад интелектуалец на село. И неговиот син Илинден Спасе, универзитетски професор во пензија, пишува на албански и на македонски јазик. Автор е на повеќе збирки раскази. Член е на Друштвото на писателите на Република Македонија. Синот на Илинден, Аријан Спасе е дипломат од кариера.

Во 2019 година, гогашниот албански Илир Мета, постхумно го одликува со признанието „Витез на редот на знамето“. Тогаш Мета рече дека неговиот познат роман „Зошто" го најавил создавањето на современа литература во Албанија, додавајќи дека Стерјо Спасе е значајна личност не само во Албанија туку на Балканот и Европа.

Во неговото родно село, во март пред две години беше пуштен во употреба Музејот на Стерјо Спасе, реконстрираната училишпн зграда каде што учел и станува се попосетена дестинација.вт/бт/

Фото: весник „Македониум“

Остани поврзан