Владејачката партија во Јапонија утре бира нов лидер
- Јапонската Либерално-демократска партија (ЛДП) утре ќе избере нов лидер на партијата, кој ќе биде потенцијален иден премиер на земјата и ќе го замени сегашниот премиер Шигеру Ишиба.
Токио, 3 октомври 2025 (МИА) - Јапонската Либерално-демократска партија (ЛДП) утре ќе избере нов лидер на партијата, кој ќе биде потенцијален иден премиер на земјата и ќе го замени сегашниот премиер Шигеру Ишиба.
Меѓу петте кандидати, се издвојуваат три фаворити - Санае Такаичи, која би можела да стане првата жена премиер на Јапонија, Шинџиро Коизуми, син на поранешен премиер и можеби најмладиот лидер во повеќе од еден век, и ветеранот Јошимаса Хајаши, главен секретар на кабинетот и поранешен министер за надворешни работи.
Такаичи се залага за ултраконзервативни ставови и цврст пристап кон миграцијата, Коизуми се залага за реформи и обнова на партијата, додека Хајаши нуди прагматичен курс со фокус на економијата и соработката со Кина.
Доколку ниту еден кандидат не освои мнозинство гласови во првиот круг, ќе следи втор круг меѓу двајцата фаворити.
Новиот лидер ќе се соочи со предизвиците на зголемувањето на цените, потребата од соработка со опозициските партии и подготовката за евентуален самит со американскиот претседател Доналд Трамп за време на неговата посета на самитот на АПЕК во Јужна Кореја кон крајот на октомври.
Во гласањето учествуваат 295 пратеници од ЛДП и околу еден милион членови на партијата, додека Долниот дом на парламентот подоцна формално ќе го потврди изборот на новиот премиер. мс/
фото: ЕПА архива