Владата останува на истиот став за референдумот, ВМРО-ДПМНЕ го дефинира референдумското прашање
- Премиерот Димитар Ковачевски останува на веќе познатиот став во врска со референдумот што го предлага ВМРО-ДПМНЕ и за што се уште траат партиските консултации за референдумското прашање. И Ко

Скопје, 1 август 2022 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски останува на веќе познатиот став во врска со референдумот што го предлага ВМРО-ДПМНЕ и за што се уште траат партиските консултации за референдумското прашање. И Ковачевски и лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски вчера од Тетово, каде започна кампањата за советници за вонредните избори на 20 август, ги повторија своите различни позиции по ова прашање. Претседателот Стево Пендаровски, пак, вели дека нема никакво разбирање на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за референдум и оценува дека станува збор за манипулација која, како што вели, Христијан Мицкоски ја прави прилично неочекувано. Во интервју се изјасни и евроамбасадорот Дејвид Гир, кој рече дека прашањето за референдум е суверена одлука и нема да го коментира, но дека сепак тука треба да се погледне наназад и да се види широката слика.

Ковачевски вчера порача дека референдумот што го предлага ВМРО-ДПМНЕ е нерелевантен и дека земјата ги почна преговорите за влез во ЕУ. Според него, најавениот референдум од страна на ВМРО-ДПМНЕ е за внатрешно – партиска употреба.
-Прво, Република Северна Македонија на референдум при осамостојувањето се изјасни дека сака независна држава членка на ЕУ и на НАТО. ВМРО – ДПМНЕ е партија која беше против членство во НАТО, сега заедно со нивниот нов коалиционен партнер Левице се единствените две партии кои се против членството во ЕУ и тоа јасно го покажаа при гласањето за предлогот на ЕУ во однос на отпочнувањето на преговорите со Република Северна Македонија. Меѓутоа доминантниот број на пратеници 68 што ги претставуваат граѓаните донесоа одлука Република Северна Македонија да ги отпочне преговорите. Тој референдум што го зборува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ е единствено заради нивна внатрешно-политичка употреба бидејќи нема политичка партија освен неговиот партнер Левица која е против НАТО и ЕУ и е за сојуз Централно-азиски некаков со Русија, да е против ЕУ, рече Ковачевски. Според него, ВМРО-ДПМНЕ треба идеолошки да расчисти кај себе дали сака да ја види државава во ЕУ или не. Пораката до опозициската партија на премиерот Ковачевски е дека Северна Македонија ги почна преговорите и тоа со чист македонски јазик, со заштитен идентите и потврдено не само од Владата туку и од претседателката на ЕК и од потпретседателот на ЕК. – Оваа држава од денот на одржување на првата меѓувладина конференција го започна патот за зачленување во ЕУ. Од тој пат нема назад, нема ниту лево, а уште помалку десно односно кон истокот, така што сосема е нерелевантно барањето на ВМРО-ДПМНЕ за некаков референдум кое треба да биде изјаснување против зачленување во ЕУ, изјави Ковачевски. ВМРО-ДПМНЕ реагираше на оваа изјава наведувајќи дека со одење против референдум Ковачевски го помножи народот со нула, а народот ќе му покаже дека тој е нула.

