• петок, 05 декември 2025

Владата на Косово усвои рекорден предлог-буџет за 2026 година

Владата на Косово усвои рекорден предлог-буџет за 2026 година

Приштина, 31 октомври 2025 (МИА) – Владата на Косово денеска одобри рекорден предлог-буџет за 2026 година во износ од 4 милијарди евра, и покрај неизвесноста дали парламентот ќе го разгледа неговото усвојување, јавија косовските медиуми.

Вршителот на должноста премиер, Албин Курти, изјави дека новиот буџет вклучува околу 1 милијарда евра капитални инвестиции.

- Со овој буџет се воведува 13-та плата за сите вработени во јавниот сектор. Вклучува и воведување зголемување од 0,5 проценти на основната плата за секоја година работен стаж во јавниот сектор, рече Курти.

Вршителот на должноста министер за финансии, Хекуран Мурати, изјави дека новиот буџет е за 10 проценти повисок од претходниот.

За време на седницата, Владата на Косово ја зголеми и минималната пензија од 120 на 150 евра, како и додатоците за сите деца на возраст од 0 до 16 години за 50 проценти.

Околу 200.000 пензионери и над 400.000 деца ќе имаат корист од овие зголемувања, почнувајќи од 1 ноември, рече Курти.

Не е јасно дали предлог-буџетот за 2026 година може да биде разгледан и ставен на гласање во новоформираниот парламент на Косово. Усвојувањето на предлог-буџетот доаѓа само неколку часа пред претседателката на земјата, Вјоса Османи, да се сретне со лидерите на парламентарните партии, каде што се очекува да повика на компромис за излез од политичкиот ќорсокак во земјата.

Косово го конституираше својот законодавен дом дури во септември – речиси девет месеци по изборите, но сè уште не успева да формира нова влада. Партиите не покажаа никаква подготвеност да управуваат заедно, што ја отвора можноста земјата да свика предвремени избори уште во декември, пренесе БТА. јт/

Фото: Курти на Фејсбук

 

Остани поврзан